• среда, 18 декември 2024

Д-р Марија Бабуновска, добитник на награда од областа на неврологијата на Меѓународните Медис награди за медицина

Д-р Марија Бабуновска, добитник на награда од областа на неврологијата на Меѓународните Медис награди за медицина

Љубљана, 7 март 2024 (МИА) - Д-р Марија Бабуновска, невролог од Универзитетската Клиника за неврологија во Скопје е добитник на наградата за најдобар труд од областа на неврологијата на Меѓународните Медис награди за медицина и фармација во Љубљана, јави известувачот на МИА од Љубљана.

Наградата се доделува од независна меѓународна експертска комисија за извонредни научни истражувачки достигнувања во девет земји од Централна и Југоисточна Европа.

Годинава на конкурсот беа пристигнати 242 трудови од кои 148 влегоа во конкуренција во девет области од медицината и фармацијата и тоа гастроентерологија, гинекологија, интензивна медицина и анестезиологија, неврологија, офталмологија, педијатрија, пулмологија и алергологија, ревматологија и фармација.

Во најтесниот финален круг влегоа 18 трудови меѓу кои и истражувањето на младата докторка невролог Бабуновска.

Таа беше избрана меѓу финалистите во областа на неврологијата со истражувањето „Фрактури кај лица со епилепсија: Кохортна студија базирана на национално ниво“ објавена во научно списание „Epilepsia Open“.

Студијата на неврологот Бабуновска истражува голема, национална група на пациенти со епилепсија за да покаже дека истите имаат зголемена преваленца на фрактури на коските во споредба со oпштата популација.

Д-р Бабуновска објаснува дека целта на студијата беше да се добијат нови сознанија кои ќе им помогнат на пациентите со епилепсија. Оваа студија додава сеопфатни информации за фрактури кај луѓе со епилепсија кои би можеле да помогнат во обидот да се воспостави ефикасна превенција.

Таа вели дека оваа награда е признание за досегашниот труд и посветеност, но и мотив за понатамошни истражувања за доброто на пациентите.

Меѓународната комисија која ги оценува трудовите е составена од врвни експерти, меѓу кои во областа на педијатријата е проф. д-р Аспазија Софијанова од Клиниката за детски болести во Скопје. ев/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан