• четврток, 26 декември 2024

Дрисла: МВР и ОЈО да ги пронајдат подметнувачите на пожарот во депонијата, да не се шират лаги и дезинформации

Дрисла: МВР и ОЈО да ги пронајдат подметнувачите на пожарот во депонијата, да не се шират лаги и дезинформации

Скопје, 5 септември 2023 (МИА) - ЈП депонија Дрисла ги повика Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детално да го истражат случајот со денешниот пожар во депонијата, сторителите да бидат најдени и соодветно казнети. Притоа тие бараат локалното население, како што се наведува, да не се доведува во заблуда и паника дека депонијата ги загрозува животната средина и здравјето на луѓето со подметнатиот пожар на депонијата Дрисла, најавувајќи соодветни постапки против лицата кои шират лаги и дезинформации.

-Во врска со дезинформациите објавени изминатите неколку денови во дел од медиумите и особено на социјалните мрежи за депонијата Дрисла, Ве известуваме дека ЈП депонија Дрисла е единствена санитарна депонија во државата која работи согласно А – интегрирана дозвола и своите работни активноси ги извршува согласно сите законски прописи за управување со отпад и заштита на животната средина. Истовремено е под целосна контрола и мониторинг од страна на Државниот инспекторат за животна средина, се наведува во соопштението од ЈП депонија Дрисла.

Од таму апелираат, како што се наведува, „правото и слобода на говорот и јавното информирање да не се злоупотребува за ширење на лажни вести и невистини по социјалните мрежи од страна на група луѓе кои го доведуваат во заблуда и паника локалното население дека депонијата Дрисла ги загрозува животната средина и здравјето на луѓето, како што се случи денес во раните утрински часови, со подметнатиот пожар на депонијата Дрисла“.

-Ситуацијата е ставена под контрола од страна на вработените на Дрисла со помош на пожарникарски служби, пожарот е изгаснат и претпријатието продолжува со редовни активности. Од страна на полицијата направен е увид и записник и истата ќе постапува согласно своите ингеренции. Воедно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детално да го истражат случајот и сторителите да бидат најдени и соодветно казнети, а против лицата кои шират лаги и дезинформации за депонијата Дрисла, од страна на претпријатието ќе бидат покренати соодветни постапки, посочуваат од депонијата Дрисла. ев/са/

ФОТО: Лого ЈП депонија Дрисла 

Остани поврзан