• сабота, 23 ноември 2024

Државјанин на Полска баран од Интерпол се обидел со фалсификувана лична карта да помине преку Богородица

Државјанин на Полска баран од Интерпол се обидел со фалсификувана лична карта да помине преку Богородица

Скопје, 30 октомври 2023 (МИА) - Државјанин на Полска баран од Интерпол, како патник во автобус со грчки регистарски ознаки, на 26 октомври се обидел со фалсификувана лична карта да помине преку граничниот премин „Богородица“.

-На 26 октомври, осомничениот како патник во автобус со грчки регистарски ознаки се јавил за влез во земјава на граничниот премин „Богородица“.  При редовна контрола од страна на овластени службени лица, тој  употребил лажна јавна исправа – полска лична карта со туѓо име. Исправата ја употребил како вистинита иако таа се разликувала од оригиналната и во техниката на печатење на образецот и нејзино персонализирање, квалитетот на хартијата,  заштитните знаци, како и во сјајот и интезитетот на застапените бои, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.

При дополнителна контрола, како што посочуваат од Обвинителството, било утврдено дека осомничениот се бара со меѓународна потрага од страна на Интерпол Варшава, Полска за сторени кривични дела – „тешка кражба и измама“.

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведело постапка против полски државјанин, осомничен дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“ од член 378 став 3 во врска став 1 од Кривичниот законик.

-Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, јавниот обвинител до Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и на осомничениот му ја определи бараната притворска мерка, се наведува во соопштението од Обвинителството. дма/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан