• вторник, 19 ноември 2024

Државно - црковната делегација во Ватикан ја посети изложбата на македонскиот уметник Решат Амети

Државно - црковната делегација во Ватикан ја посети изложбата на македонскиот уметник Решат Амети

Ватикан, 24 мај 2023 (МИА) – Делегацијата на Република Северна Македонија попладневно ја посети изложбата на македонскиот уметник Решат Амети, која е поставена во амбасадата на Светата столица.

Решат Амети е роден на 16 мај 1964 година во Гостивар. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. д-р Ана Темкова, а постдипломски студии завршил во 2002 година на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, во класата на проф. д-р Реџеп Фери. Амети е меѓународно признаен уметник. Неговите уметнички дела се во сопственост на многу музеи, културни институции и приватни колекции на светски познати личности како добитници на Нобелова награда, светски познати писатели, претседатели на држави…

Македонската делегација денеска претпладнево присуствуваше на аудиенција кај папата Франциск во Ватикан, по што претседателот на Собранието Талат Џафери имаше средба и со државниот секретар на Светата столица кардиналот Пјетро Паролин.

Делегацијата на Република Северна Македонија присуствуваше на молебен во базиликата „Сан Клементе” во Рим, каде што положи венец на гробот на Св. Кирил.

Џафери положи цвеќе и пред спомен - плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре”.

Во состав на делегацијата, предводена од Џафери се пратениците Соња Мираковска од СДСМ, Дафина Стојаноска од ВМРО – ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ, генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски, директорката на Институтот за македоснки јазик, Елена Јовановска Грујовска, митрополитот европски г. Пимен, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и отец Митко Газинковски од Македонската православна црква- Охридска архиепископија и отец Зоран Стојанов од Католичката црква.

Утре, претседателот на Собранието ја завршува посетата на Рим и Ватикан со средба со претставниците од Центарот за изградба на светилиштето на Мајка Тереза. дма/лв/

 

 

Остани поврзан