Државната дума во Русија одобри нацрт-закон за заострување на контролата врз приходите на „странските агенти“
- Долниот дом на рускиот парламент денеска одобри нацрт-закон со кој се зајакнува владината контрола врз приходите на организациите и приходите на луѓето што Москва ги прогласи за „странски агенти“.
Москва, 17 декември 2024 (МИА) - Долниот дом на рускиот парламент денеска одобри нацрт-закон со кој се зајакнува владината контрола врз приходите на организациите и приходите на луѓето што Москва ги прогласи за „странски агенти“.
Рускиот закон бара секое лице или организација што добива пари од странство, како и секој за кој Москва верува дека е под странско влијание, да се регистрира како „странски агент“. Оваа ознака датира уште од советско време, има негативна конотација и носи со себе тешки бирократски барања.
Предлог-законот, кој Државната дума го усвои во третото и последно читање, бара од „странските агенти“ да ги префрлат сите приходи од продажба или закуп на недвижен имот и автомобили, како и каматите на депозитите и дивидендите на посебни сметки во рубли.
Регулаторниот акт бара сите парични приходи од интелектуалната работа, вклучувајќи научни дела, литературни и уметнички дела, сценски и екрански изведби, пронајдоци и трговски марки, да се префрлаат на овие сметки.
-Усвоениот закон ќе им забрани на измамниците да се збогатат на сметка на граѓаните и земјата што ја предале, изјави денеска претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на својот канал на „Телеграм“.
Вкупно 895 поединци и организации се наведени како „странски агенти“ во регистрите на Министерството за правда на Русија. Меѓу нив се милијардерот Михаил Ходорковски, добитникот на Нобеловата награда за мир Дмитриј Муратов и истакнатиот Јутјубер Јуриј Дад. мс/
фото: ЕПА