• четврток, 26 декември 2024

Државата не покажа сериозност во имплементација на Истанбулската конвенција, особено во услови на криза

Државата не покажа сериозност во имплементација на Истанбулската конвенција, особено во услови на криза
Скопје, 11  јули 2021 (МИА) - Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство - Истанбулската конвенција е усвоена од страна на Комитетот на министри на Совет на Европа во април 2011 година, а се отвори за потписи истата година во мај. Конвенцијата се смета за „златен стандард“ во меѓународните напори за заштита на жените oд насилство и претставува регионален правен инструмент за сеопфатна заштита на правата на жените. Република Северна Македонија беше меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска Конвенција), а во декември 2017 година, по подолг период и силен притисок од страна на граѓанските организации, Собранието истата ја ратификуваше, по што Конвенцијата стапи на сила во јуни 2018 година. Државата, со ратификувањето на Конвенцијата, се обврза да преземе законодавни и други мерки заради обезбедување на правна, институционална и организациска рамка за превенција на насилството врз жените, заштита на жртвите на насилство, како и казнување на сторителите на насилството. Правниот ефект на Конвенцијата подразбира дека со нејзиното ратификување таа станува дел од внатрешниот правен поредок, па се наметнува потребата од усогласување на постојната правна и институционална рамка со нејзините одредби. Ана Аврамовска Нушкова, правна советничка од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство за МИА истакнува дека нашата држава според спроведениот Извештај за напредокот на Република Северна Македонија при спроведувањето на Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција даде јасен сигнал дека процесите кај нас одат бавно. Таа потенцира дека најголемо заостанување во спроведувањето на сите активности има во делот на превенцијата. - Во принцип државата не покажа сериозност, посебно не во услови на криза за да се спроведуваат во целост активностите и самиот Национален акциски план како што е направен нема никакви буџетски импликации кој и како треба да одвои парични средства од буџетот на институцијата за да се финансираат тие активности. Самиот Национален акциски план има предвидено усогласување на легислативата, услугите, односно специјализираните сервиси кои што треба да им бидат достапни на жените-жртви на насилство и семејно насилство и превенцијата. Превенцијата значи дека треба да се преземаат не само кампањи за подигнување на јавната свест, да се зборува за насилството, да се извадат на површина сивите бројки кога би можело да се превенираат идни случаи на насилство, исто така предвидува и голем број на обуки за професионалци кои што даваат директни услуги на жени-жртви на насилство и работат во областа на семејното насилство, рече таа. Аврамовска Нушкова потенцира дека во однос на напредокот на нашата држава е усвојувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство во јануари 2021 година кој, како што вели, е еден сеопфатен закон кој ги нормира многу работи што ќе ги напредат правата на сите жртви на родовото базирано насилство. -Законот е со продолжена примена, односно иако е донесен во јануари започнува да се применува во мај 2021 година и има период од три месеци каде требаше да се донесат сите подзаконски акти кои ќе направат успешна имимпементација на Законот. Во овој момент тие подзаконски акти се уште се во процес на создавање каде што почнаа да се вклучуваат и граѓанските организации како дел од работни групи за создавање на овие подзаконски акти. Една од клучните новини во овој закон е принципот на должно внимание кои што вработените во институциите кои што директно работат на помош, поддршка и заштита на жртвите на насилство и семејно насилство треба да го имаат предавањето на својата експертиза и услуга, рече таа. Од Министерството за труд и социјална политика за МИА потенцираат дека во согласност со Истанбулската конвенција изработен е Закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство каде што жртвите на родово базирано насилсто имаат право на надоместок согласно одредбите на овој закон. - Увоен е Закон за социјална заштита од 23.05.2019 година. Во фаза на подготовка се измени и дополнувања на Закон за кривичната постапка, а со цел нивно усогласување со Истанбулската Конвенција. Донесување на Закон за прекинување на бременоста од 22.05.2019 година. Измена и дополнување на Законот за високо образование е предвидено во Програмата за работа за 2021 година. Формирана е работна група во октомври 2020 година за Измена и дополнување на Законот за учебниците во основно и во средно, изготвен е предлог-концепт. Законот е предвиден со Програмата на Владата за 2021 година. Измена и дополнување на Законот за основно образование, имено во Законот за основното образование вклучени се одредби со кои се промовира еднаквоста и се забранува дискриминација согласно основите предвидени со ЗСЗД, вклучени одредби со кои се забранува користење на наставни материјали и помагала со кои се одржуваат негативните стереотипи и предрасуди во однос на родовите улоги, сексуалноста и со кои се промовира и/или се поддржува РБН. Формирана е работна група за Измена и дополнување на Законот за средно образование која веќе работи, а законот е предвиден во Програмата за работа за 2021 година. Унапредување на наставните програми во основно и во средно образование преку ревидирање и отстранување на содржините со кои се одржуваат негативните стереотипи и предрасуди во однос на родовите улоги, сексуалноста и со кои се промовира и/или се поддржува РБН. Формирани се РГ-и за изготвување концепција за основно и концепција за средно образование (септември 2020 година) врз основа на концепцијата ќе се изготват нови наставни планови и програми за прво и четврто одделение (за 2021 година). Реформите во основното образование ќе стартуваат од септември 2021 година, а сукцесивно ќе се имплементира во следните години, се дел од активностнитет кои МТСП ги има преземено за спроведување на Истанбулската Конвенција. Повлекувањето на Турција од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство, посочува Аврамоска Нушкова, е лош сигнал дека не сака да се унапредат правата и да се даде една сеопфатна заштита на сите жени-жртви на насилство и на родовото базирано насилство. - Во самата терминологија што се користи во Инстанбулската Конвенција има нормирано терминолошки многу процеси кои што самите закони коишто моментално се во нашата легистлатива не ги препознаваат. Сетоа тоа проидонесува за да се направи еден поширок круг на заштита и да се унапредат правата на сите на кои што им се повредени а е поврзано со родовото базирано насилство, рече таа. Слично мислење има и Иљире Даути, пратеничка на Алијанса за Албанците и член на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, која вели дека ратификувањето на меѓународните конвенции од страна на нашата држава стана пракса што не подразбира и нивно спроведување, вклучително и онаа Истанбулската, која предвидува низа активности што се стремат кон спречување и борба против насилството врз жените и семејството. - За жал, стагнирањето во спроведувањето се евидентни. Покрај тоа, една година по ноември 2019 година, кога беше донесен Националниот план за имплементација на Конвенцијата за спречување и борба против насилство врз жените, вклучително и семејното насилство за периодот 2018-2023 година, податоците за 2020 година зборуваат за зголемување на насилството, особено за време на затворањето од пандемијата. Ова ни дава да разбереме дека една од главните мерки која ја содржи Конвенцијата - спречувањето на насилството не е спроведено, без навлегување во другите барања на Конвенцијата, рече таа. Даути истакнува дека тие како пратеници на опозицијата, имаат можност преку механизмот на амандмани да интервенираат таму каде што сметаат дека е потребно, но за чие одобрување е потребна согласност од мнозинството пратеници, што ретко се случува. - Она што за нас загрижува е дека 60 отсто од жртвите на насилство не пријавуваат насилство и ова претставува доволен аларм за институциите да работат на идентификување и елиминирање на причините што доведуваат до замолчување на насилството. Економската зависност на жените е една од тие причини. Според Државниот завод за статистика (ДЗС) на Северна Македонија, родовиот јаз во вработувањето од последниот квартал на IV / 2015 до IV / 2019 е зголемен во корист на мажите, не вклучувајќи ја 2020 година поради губењето на работното место, како резултат на пандемијата. Така што, ако во 2015 година имавме 15,5 отсто повеќе вработени мажи отколку жени, во 2019 година имаме 19 отсто повеќе вработени мажи во споредба со жени. Додека последните податоци од истиот извор I / 2021 покажуваат дека од вкупниот број на невработени 55.565 се жени, рече таа. Маја Морачанин, пратеничка, претседателка на Демократска обнова на Македонија и член на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите за МИА истакнува дека постигнување на родовата еднаквост е најсоодветната превенција од заштита на жените од насилство врз жената и семејното насилство. - Насилството врз жените и семејното насилство, практично не само што ја дискриминираат жената туку се една од главните причини што ја ставаат во потчинета положба во рамките на општеството. И она што е многу значајно зошто и самиот овој документ е тоа што се потенцира дека насилството врз жените е кршење на човековите права. Кога зборуваме за правата на жените, генерално ние зборуваме за почитување на човековите права. Насилството врз жени и семејното насилство со Истанбулската Конвенција се криминализира секој облик на насилство врз жената, да биде кривично дело без разлика дали станува збор за физичко, сексуално, психичко, економско насилство и се дефинирани сите облици на насилство, но исто така е многу важно што се вклучува и превенцијата од насилството, рече Морачанин. Пратеничката Даути потенцира дека иако го поддржале Законот за заштита и спречување на насилство врз жените и семејно насилство во Собранието, нејзините лични забелешки се во насока на тоа колку е способна оваа Влада, која , како што рече, во својата хиерархија промовира нееднаквост, да спроведува закони за родова еднаквост и заштита на жените од дискриминација и насилство, бидејќи во нејзините редови од 19 министри невлучувајќи го премиерот, има само четири жени и за жал ниедна жена министер или заменик министер не е од редовите на албанската партија што учествува во неа. - Гледано од овој аспект, сожалувачки морам да нагласам дека и овој закон ќе остане како таков што разјаснува некои концепти и дели неколку задачи, но неспроведуван. Додека самата држава во својата највисока хиерархија промовира нееднаквост и се знае дека нееднаквоста произведува насилство, вели таа. Новите законски измени во Кривичниот законик во изработка, се очекува да се воведат нови кривични дела за заштита на жените од насилство Министерството за правда подготвува измени во Кривичниот законик со кои се предвидува воведување на нови кривични дела како што се „демнење“ и „полово вознемирување“ и затворски казни до три години. Ќе се казнуваат парично или до три години затвор оние кои подолго време следат некого, прогонуваат или се мешаат во личниот живот на друг, при што ги злоупотребуваат личните податоци на жртвите, телекомуникациските или други системи на комуникација. Казни ќе добиваат и оние демначи кои своите жртви психички ги злоставуваат, вознемируваат или застрашуваат и со тоа им предизвикуваат чувство на несигурност, вознемиреност или страв за нивната сигурност или за сигурноста на нивните блиски. Овие законски измени дојдоа откако на почетокот на оваа година се актуализираше групата „Јавна соба“ на мобилната апликација „Телеграм“, каде се споделуваа експлицитни фотографии, видео материјали со порнографска содржина и телефонски броеви со ценовници за наводни услуги на девојките. Групата броеше повеќе од 7.400 членови меѓу кои имаше и малолетници. Од Министерството за правда за МИА потенцираат дека измените на Кривичниот законик во кој се наоѓаат и членови кои произлегуваат од Истанбулската конвенција, веќе подолго време се наоѓаат во Владата на увид. - Се очекува овие измени во многу скоро време да бидат изгласани во Владата, а потоа да бидат испратени во Собранието. Министерството за правда очекува дека пратениците едногласно ќе ги поддржат овие измени, посочуваат од Министерството. Од Министерството за труд и социјална политика за МИА потенцираат дека работната група за измени и дополнување на Кривичниот закон работи се уште на измените и дополнувањата на КЗ.   - Предвидени се две кривични дела Демнење - со предвидена казна до 3 години а за потешкиот облик на делото од став 2 до 5 години и полово вознемирување со казна затвор до 1 година, велат од Министерството. Аврамовска Нушкова смета дека новите измени во Кривичниот законик би требало да бидат во целост усогласени со Истанбулската Конвенција, бидејќи, рече таа, кај нас „демнеењето“ не е регулирано во целост како дејствие кое што се повторува. Таа смета дека демнеењето треба што е можно побрзо да биде регулирано кај нас за да може да се превенира и да се заштити жената пред да настанат некои поголеми штетни последици. - Кај нас „демнеењето“ како кривично дело не постои, додека во кривичното дело , „загрозување на сигурност“ ги има елементентите на демнеење и психолошккото насилство, но не во целост регулирана како дејствие кое што се повторува, кое што ти влегува во личен простор, што те плаши, те загрозува, ти пушта непријатни пораки, те демне, те чека од работно место, како дејствие не е регулирано и го немаме како статистика колку случаи на демнеење има кај нас. Последната сеопфатна студија направена од ОБСЕ имаше статистика дека 30 отсто од испитаничките го препознавале демнеењето и пријавиле дека биде демнети. Статистика можеме да извлечеме најмногу од Соединетите Американски Држави и Европа, каде што во САД според едно истражување се вели дека 54 отсто од жените кои што биле демнети и завршило со убиство, претходно го пријавиле насилството во полиција. Ова значи дека демнеењето е едно од кривичните дела доколку се регулира може да спречи потежок облик на кривични дела како што се тешки телесни повреди или убиство. Затоа сметаме дека демнеењето што е можно побрзо треба да биде регулирано кај нас за да може да се превенира и да се заштити пред да настанат некои поголеми штетни последици. Најчесто демначот е сегашен или поранешен интимен партнер. Седумдесет отсто од жените, според ова исто американско истражување, кои што завршиле со убиство биле демнети од сегашен или интимен партнер, вели таа. Таа посочува дека и сексуалното вознемирување општо на јавен простор и сексуалното вознемирување преку интернет просторот, исто така треба да се регулира и да се стави во Кривичниот законик како посебно кривично дело. - Сексуалното вознемирување не е шега, туку е кривично дело и може да биде варбално, невербално, физичко и може да дојде и до контакт, со тоа што може да стави привремени или трајни психолошки последици врз самата жртва која што е сексуално возменирувана. Според таа статистика која што ние ја располагаме, претежно во однос на сексуалното вознемирување, голем број на жени и не го пријавуваат. Тоа се секојдневни поминувања и дофрлувања, досвиркувања, гестикулации кои што имаат сексуална конотација, возење во градски автобус или користење на друг јавен транспорт, сето тоа треба да биде нормирано за да не му се даде сигнал на вршителот дека ќе помине неказнет. Зошто се повторува толку често тоа дело? Затоа што никој не ги казнува. Никој не трпи врз себе некоја санкција како би можеле ние да излеземе се статистики и да кажеме дека толку жени се сексуално вознемирувани, толку сторители кои што биле вознемирувачи ја добиле потребната казна заради тоа што го прават. Еден податок што ми остана во сеќавање е дека жртвите во принцип за жал кои многу често завршуваат со фемицид или тешка телесна повреда му претходи двегодишно демнеење. Затоа, сметам дека е кривично дело кое што може да превенира други кривични дела со потежок облик и со фатални последици и треба да биде нормирана, рече Нушкова. Од МТПС посочуваат дека во предлог-законот за именување и дополнување на Кривичниот законик ќе се вгради дефиниција на родово базирано насилство, редефинирање на кривичното дело силување и криминализирано демнење, сексуално вознемирување и генитално осакатување. Донесувањето на горепосочените измени и дополнувања, велат од Министерството, ќе овозможат собирање на статистички податоци од страна на надлежните органи за случаите на насилство спрема жената и добивање на податоци за стапка на осудени, вид, казна и слично. - Јас сум информирана дека во Министерството за правда постои работна група која што ги изработува овие измени за да се усогласи и Кривичниот законик со Законот за спречување и заштита врз жените и семејно насилство. Се уште предлог-измени на овој закон не сме добиле во Собранието. Се надевам дека во најбрз можен рок тоа да се случи, затоа што е многу важен елемент и од Истанбулската конвенција и од нашиот закон за насилство врз жените и семејно насилство да може да се имплементира санкционирањето на насилството соодветно низ правосудниот систем. Во Министерството за труд и социјална политика веќе работи работна група на законот за родова еднаквост, кој порано беше Закон за еднакви можности помеѓу жените и мажите, рече пратеничката Морачанин. Невладините се вклучуваат во работните групи за законските решенија, но нивното мислење не се оцртува целосно во крајниот продукт-законите Аврамовска Нушкова истакнува дека нивната експертиза е препознаена од државните институции и ги повикуваат да присуствуваат во работните групи, но вели, дека не секогаш значи нивното мислење ќе биде целосно оцртано како што е во крајниот продукт како закон што ќе го добијат. - Исто така, државата има обврска законите пред да одат во собраниска процедура да ги стават во ЕНЕР каде што можат да се коментираат законите, да се даваат сугестии во која насока треба да одат измените. Кога ќе дојде до ЕНЕР, во законот многу тешко се прават промени независно колку граѓани и здруженија реагираат или зборуваат за истото, вели таа. Аврамовска Нушкова потенцира дека невладините организации својата експертиза веќе подолг период им ја имаат понудено на државните институции, посебно со учество во работните групи каде што се создава легислативата. - Претставничка од нашата организација беше дел од работната група која што се создаваше НАП-от и при ратификација на Инстанбулската конвенција, исто така сме поканети да бидеме дел од работната група за Законот за семејство кој што е еден од предвидените закони за усогласување со Инстанбулската Конвенција, посочи таа. На жените-жрвти од насилство им се нуди програма за реинтеграција во општеството На жените-жртви од насилство и семејно насилство од страна на МТСП им се нудат серија програми и мерки за полесно да се реинтегрираат во општеството по период поминат во шелтер центрите и преживеаното во семејното насилство. - Согласно Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот во 2018, 2019 и 2020 година: Во мерката Поддршка за самовработување (претприемништво) на жените жртви на семејно насилство им се обезбедува поволноста да добијат советодавна/менторска поддршка во период од 12 месеци од основањето на бизнисот како припаднички на целната група жени од ранливи категории. Во мерката Субвенционирање на плати која има за цел поддршка за вработување на невработени лица што потешко се вклучуваат на пазарот на трудот, една од целните групи кон кои е насочена истата се жртвите на семејно насилство. Покрај наведените мерки невработените лица жени жртви на семејно насилство имаат право да учествуваат во сите останати програми и мерки за вработување, посочуват од МТСП. Оттаму посочуваат дека во согласност со Истанбулската конвенција изработен е Закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство каде што жртвите на родово базирано насилсто имаат право на надоместок согласно одредбите на овој закон. Потенцираат дека како специјализирани сервиси во надлежност на Mинистерството за труд и социјална политика се предвидени: Услуга на информирање и упатување (СОС Линија), Услуга на советување и Услуга за привремен престој. Овие услуги се воспоставени, но потребно е нивно усогласување согласно стандардите на Советот на Европа и/или зголемување на нивниот број и распределба во различни региони низ државата. Министерството за труд и социјална политика заедно со UNDP ја креираа првата мобилна апликацијата за помош и поддршка на жртвите на насилство „Биди безбедна”, достапна на македонски, албански и ромски јазик. Од МТСП информираат дека во моментот функционираат 13 специјализирани сервиси за згрижување на жртви на семејно насилство и родово базирано насилство во 6 плански региони на територија на Република Северна Македонија и тоа: Скопски, Југозападен, Источен, Вардарски, Југоисточен и Пелагониски регион. Отворени од Министерството за труд и социјална политика вкупно 8 сервиси. По однос на спрецијализираните сервиси 10 се за жени жртви на жртви на семејно насилство 9, отворени од страна на МТСП 8 советувалишта на територијата на РСМ и 1 советувалиште финансирано од МТСП, за менаџирано од страна на здружение и 1 советувалиште за сторители на семејно насилство отворено од страна на МТСП. Воспоставени се 3 кризни центри за жртви на сексуално насилство (до 72 часа) од Министерство за здравство во Скопје, Тетово и Куманово.

Автор: Фатиме Фазлији Видео: Андреј Бранковиќ Оваа сторија е објавена во рамките на регионалната програма „Имплементирање на норми, менување на ставови” финансирана од Европската Унија и имплементирана од UN Women.

Остани поврзан