• четврток, 26 декември 2024

Древното самостојно египетско општество траело околу 3.000 години

Древното самостојно египетско општество траело околу 3.000 години
Лос Анџелес, 25 јануари 2022 (МИА) - Древната египетска историја опфаќа долго време. Научниците спорат за својствата, особеностите и посебностите, но генерално е прифатено дека древното самостојно египетско општество траело речиси 3.000 години - од околу 3.150 г. пр.н.е. до најмалку 332 г. пр.н.е., кога се случува македонското освојување, објави порталот „Квизклаб“. Египетските пирамиди, на пример, биле градени во распон од речиси 2.000 години. Тоа значи дека кога се градела последната голема пирамида, во 7 век пр.н.е., некои од најстарите пирамиди биле веќе „древни“ - стари над 2.000 години. Тоа се повеќе од 100 човечки генерации. Тоа е еднакво, на пр., на времето меѓу смртта на Јулиј Цезар и Октавијан Август и денешнината. Кога Древните Египќани кои живееле во 7 век пр.н.е. ќе ги погледнеле пирамидите, тоа би било како човек денес да отиде во Рим во посета на Колосеумот, чијашто изградба завршила околу 80 г. н.е. Колосеумот е древен за нас, па така и првите пирамиди биле древни за „подцнежните“ Древни Египќани. До мигот кога Александар Македонски го освоил Египет во 332 г. пр.н.е., египетската цивилизација постоела во речиси истиот облик веќе скоро 3.000 години. Тоа време е еднакво долго како и времето од Хомеровата архаична Грција до денес. Тоа значи дека целата историја и култура на Древна Грција, Стариот Рим, средниот и новиот век и современото доба, заедно е долга колку историјата на Древен Египет. Сепак, она што е уште позанимливо е колку било „непроменето“ египетското општество во толку огромна временска рамка. На почетокот, Египќаните биле земјоделци кои работеле долж бреговите на Нил, пишувале со хиероглифи и обожувале повеќе богови. На крајот од својата самостојност, Египќаните повторно биле претежно земјоделци, сè уште пишувале со хиероглифи и сè уште ги обожувале истите свои богови. Во 3.000-годишната историја, и границите на Древен Египет се речиси исти (во споредба со, на пр., Римјаните кои го освоија целото Средоземје), а и секојдневниот живот на Египќаните бил, прилично - ист. Се разбира, работите се менувале со текот на времето - и египетскиот јазик, и боговите и земјоделските вештини, но не дотолку радикално како што денешниот човек би очекувал со оглед на времето опфатено овде. За споредба, само изминативе 2.000 години, луѓето „ги одживеаја“ и ги доживеаја Римската Империја, Големата преселба на народите, средновековното феудално општество, атомската бомба, авионот, автомобилот и интернетот.  си/ссм/

Остани поврзан