• недела, 29 декември 2024

Драмското студио „Летечка театарска трупа“ со премиера на приказната за заспаната убавица „Трнорушка“

Драмското студио „Летечка театарска трупа“ со премиера на приказната за заспаната убавица „Трнорушка“
Тетово, 16 мај 2022 (МИА) - Приказната за заспаната убавица „Трнорушка“ е најновиот предизвик за актерите на драмското студио „Летечка театарска трупа“. Премиерата на оваа театарска претстава за мали и големи деца ќе се одржи во вторник 17 мај во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово, а реприза наредниот ден, среда.  Претставите започнуваат од 19 часот. - Ова е бајка постара од 300 години за триумфот на љубовта над злото, приказна која не' учи дека и од трње може да расцвета љубов. Се обидовме универзалната порака за триумфот на доброто над злото да ја испратиме до сите што ќе ја погледнат претставата, особено до најмладата публика, на едноставен, разбирлив и интересен начин. Претставата изобилува со живописни костими, сценографија и музика и едвај чекаме да ги слушнеме реакциите на публиката, изјави режисерот Владимир Јованоски. Следниот ден, во среда (18 мај) ќе се одржи второ прикажување. Од Летечка театарска трупа велат дека интересот кај публиката е многу голем. -Тетовската публика отсекогаш била жедна за културни збиднувања. Затворањето поради корона-епидемијата таа жед ја зголеми уште повеќе. Затоа сме ние тука, работиме и играме за нашата публика, да го вратиме театарот на нивото на кое беше претходно, па и повисоко, додава Јованоски. Оваа театарската претстава е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Од Летечка театарска трупа велат дека имаат уште едно изненадување за публиката. На почетокот на јуни ќе биде прикажана театарската претстава „Последната битка“ на која веќе интензивно се работи. ас/цр

Остани поврзан