• среда, 25 декември 2024

Драмски театар Скопје гостува на фестивалот „РУТА“ на Бриони

Драмски театар Скопје гостува на фестивалот „РУТА“  на Бриони

Скопје, 15 август 2024 (МИА) - Драмски театар Скопје со претставата „Диши“ во режија на Димче Николовски утре ќе гостува на Бриони во Хрватска, во рамки на летното издание на фестивалот на Регионалната унија на театри „РУТА“. Претставата ќе биде изведена на големата сцена на театарот „Ulysses“.

Како што информира Драмски театар Скопје, текстот „Диши“ (Бели дробови) на Данкан Макмилан е напишан во 2011 година. Драматург на претставата е Александра Бошковска, а преводот е на Благоја Бошковски. Сценографијата е на Илија Николовски, а костимограф е Раде
Василев.  Улогите во претставата ги толкуваат Јасмина Василева и Димитрија Доксевски.

- „Диши“ е современа, длабоко интимна, истовремено универзална и еколошка - глобална драма. „Lungs“ (Бели дробови), низ повеќе животни циклуси на љубовната врска, на духовит и прониклив начин, го следи релативно младиот пар М и Ж (M&W) додека контемплира на различни прашања за смислата и бесмисленоста, за надежта и предавствата, за промените и за смртта, за создавањето на нов живот и за крајот на светот, се вели во соопштението.

Актерите Јасмина Василева и Димитрија Доксевски за „Диши“ истакнуваат дека претставата навигира низ сите погоре поставени прашања, толкувајќи ги токму во „еден здив“ преку експериментирање со минималистички актерски израз зададен од самиот автор. Оваа драма е напишана за да се изведе на празна сцена.

- Нема сценографија, нема мебел, нема реквизити и нема беспредметно дејствие. Нема промена на костими. Не би требало да се користи светло и звук за да се укаже на промена на времето или просторот, нагласуваат актерите.

Со претставата „Диши“, Драмски театар Скопје гостувал во Сараево во рамки на фестивалот РУТА и во Приштина на Интернационален театарски фестивал.

Драмски театар Скопје информира дека подготовките за есенското издание на РУТА, што ќе се одржува од 15 до 20 октомври во Скопје, се во тек, а за љубителите на театарот најавува уште едно одлично издание на фестивалот. мд/са/

Фото: Драмски театар Скопје 

Остани поврзан