• среда, 25 декември 2024

Драмски театар Скопје со претставата „Кармен“ на фестивалот РУТА во Хрватска

Драмски театар Скопје со претставата „Кармен“ на фестивалот РУТА во Хрватска
Скопје, 12 август 2022 (МИА) - Со монодрамата „Кармен“, Драмскиот театар Скопје денеска ќе учествува на фестивалот РУТА. Членките од Регионалната унија на театри со своите претстави ќе гостуваат на отворената фестивалска сцена на Бриони во Хрватска, а домаќин на летново издание на фестивалот е театарот Улисис. Фестивалската програма на Бриони е во рамки на театарско-музички проект на тимот на познатиот актер Раде Шербеџија, уметничката директорка Ленка Удовички и директорот Душко Љуштина. На фестивалот настапуваат познати театарски куќи и музичари од десетина земји. Како што соопштија од Драмскиот театар Скопје, учеството на Биљана Драгичевиќ Пројковска со монодрамата „Кармен“ е нивен трет меѓународен настап со оваа претстава, по гостувањата на фестивалот РУТА во Сараево и Македонското културно лето во Албанија. Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај минатата година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен, покрај наградите на минатогодишниот фестивал на монодрама во Битола доби награди и на годинашново издание на Македонско културно лето во Албанија и Интернационалниот фестивал „Актерот на Европа 2022“ во Ресен. Есенското издание на фестивалот РУТА ќе се одржи во Скопје во организација на Драмски театар од 14 до 20 октомври. Македонската публика ќе има можност во ревијалната фестивалска недела да проследи шест претстави од водечките театри на регионот, членки на регионалната унија на театри - РУТА.бт/лв/

Остани поврзан