• среда, 25 декември 2024

Драги Стојкоски ниту пожарите не го исплашија да остане на Евија

Драги Стојкоски ниту пожарите не го исплашија да остане на Евија
Кичево, 11 август 2021 (МИА) - По пожарите што избувнаа на грчкиот остров Евија, повеќето летувалци од земјава од страв и од претпазливост го напуштија ова туристичко место и се вратија во земјава или се упатија на друга побезбедна дестинација. Единствениот Македонец кој ги занемари пожарите на островот и сè уште е таму е скопјанецот со кичевски корени 73 годишниот Драги Стојкоски, кој тука останува до крајот на својот аранжман. - На островот пожар имаше и пред јас да пристигнам таму, но на друга локација, и не во местото Едипсос, каде што сум сместен. Сепак, од амбасадата на нашата земја во Грција ми се јавија да ми помогнат за да стигнам до Атина. Но јас се одлучив да останам во летувалиштето, сметајќи дека ќе биде помирно и дека пожарот се држи под контрола. Тука сум веќе пет дена. Иако сум во години, сепак сум храбар човек и досега сум пребродил многу слични искушенија, рече Стојкоски, кој најави дека целиот аранжман ќе го помине на овој остров и по неговото завршување ќе се врати во земјава, независно дали на островот сè уште има опасност од шумските пожари или не. Инаку Стојкоски во текот на летото веќе имаше една туристичка тура во Грција, кога кон крајот на месец јуни престојуваше на островот Крф, а има практика секое лето да престојува барем во две различни летувалишта во една од земјите на Медитеранот а тоа најчесто го чини во Грција.за/ир

Остани поврзан