• недела, 24 ноември 2024

Драги: ЕУ и НАТО се во центарот на италијанската надворешна политика

Драги: ЕУ и НАТО се во центарот на италијанската надворешна политика

Рим, 20 октомври 2022 (МИА) - Членството во Европската унија и НАТО се темелите на италијанската надворешна политика, изјави денеска италијанскиот премиер во заминување Марио Драги, пред формирањето на новата, десничарска влада.

„Ние целосно ги споделуваме европските и трансатлантските вредности и сакаме да продолжиме да ги штитиме и зајакнуваме“, им рече Драги на италијанските дипломати во Брисел.
„Овие принципи се уште поважни во кризите низ кои минуваме, од војната во Украина до енергетската криза“, додаде Драги во своето обраќање. Неговите коментари уследија откако Силвио Берлускони, лидерот на партијата Форца Италија, која се очекува да влезе во новата италијанска влада, го пофали неговото долгогодишно пријателство со рускиот претседател Владимир Путин и ја обвини Украина за поттикнување на инвазијата во февруари.
 
Одбивањето на Берлускони да го обвини Путин за војната предизвика загриженост дека новата влада, која се очекува да биде предводена од националистичката лидерка Џорџа Мелони, може да ја ослаби одлучноста на Западот против Москва. Мелони во средата рече дека нема да дозволи Италија да биде слабата алка на Западот, додека политичарот Антонио Тајани од партијата Форца Италија се обиде да ги увери сојузниците од десниот центар во Европската унија за надворешната политичка позиција на неговата партија. „Во Брисел сум за уште еднаш да го потврдам ставот на Форца Италија, нејзиниот лидер Силвио Берлускони и својот во корист на НАТО, трансатлантските односи, Европа и против  неприфатливата инвазија на Русија врз Украина“, напиша Тајани на Твитер. паг/  

Остани поврзан