Драган Бјелогрлиќ прогласен за почесен професор на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје
- Српскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ денеска беше прогласен за почесен професор на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје, а воедно му беше и врачена наградата E
Скопје, 5 октомври 2022 (МИА) - Српскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ денеска беше прогласен за почесен професор на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје, а воедно му беше и врачена наградата EUROPA PRIMA 2022 од Фестивалот на Југоисточна Европа – SEE FILM FESTIVAL Paris-Berlin Washington.
Во рамки на првиот академски час на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје, студентите имаа чест во Кинотеката да присуствуваат на доделувањето на наградата и прогласување на Бјелогрлиќ за почесен професор.
- Колку и да ме повредувал, разочарувал овој суров живот, светот на филмската уметност ми даде сила никогаш да не изгубам верба во љубовта, луѓето и во тој суров живот што секојдневно го живеам. Поради тоа сум благодарен што сум дел од филмскиот свет и благодарен сум што ја добив наградата што го препозна мојот пат, денеска и тука во овој град и држава што ја сметам за моја, каде не се чувствувам како гостин и каде што живеат луѓето што ги сакам и тие ме сакаат мене, вели Бјелогрлиќ.
Тој потсети дека е поминат доста долг период од почетокот на неговата кариера, односно 45 години поминати во прекрасниот свет на филмската магија.
- Паралелно ги живеам тие два животи што се обидував да ги соединам во едно и всушност да станат еден живот, истакна Бјелогрлиќ.
Драган Бјелогрлиќ и Белградското драмско позориште вчера настапија во Македонскиот народен театар со претставата „Лет над кукавичкото гнездо“, според текст на Кен Кеси/Дејл Васерман. Публиката и вечерва ќе има можност во МНТ да ја погледне претставата.
Бјелогрлиќ вели дека е задоволен од вчерашниот настан, со прекрасен прием, полна сала и фантастична претстава.
Претстава е големото враќање на Драган Бјелогрлиќ на сцената на Белградско драмско позориште во легендарната црна хумористична сатира за поединецот во репресивното општество, институциите за ментално здравје и слободата на духот. ки/ац/