• вторник, 20 јануари 2026

Драган Бокан во „Бизнис-клуб плус“: Квалитетот, брзината на испораката и општествената одговорност се темел на нашиот раст

Драган Бокан во „Бизнис-клуб плус“: Квалитетот, брзината на испораката и општествената одговорност се темел на нашиот раст

15 јанаури 2026

Во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб плус“ гостин на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, е Драган Бокан, претседател на одборот на директори на „Воли трејд“, еден од највлијателните бизнис-лидери во Црна Гора. Со повеќе од 30 години искуство во бизнисот, Бокан споделува вредни информации за развојот на семејниот бизнис, како и за стратегиите за раст, иновации и за одржливост на компанијата.

Според Бокан, секој што влегува во бизнисот има одредена визија или сака да заработи. Луѓето почнуваат бизнис во областа што ја чувствуваат најблиска или во која имаат најголемо искуство.

Својата професионална кариера ја почнал во компанијата „Приморка“ АД, а во 1995 година со сопствени средства ја основал компанијата „Воли трејд“. Компанијата почнала со еден објект, шест вработени и со минимален промет и профит, а со текот на времето прераснала во водечка трговска компанија за малопродажба и за големопродажба во Црна Гора, со најголем приход во приватниот сектор и со речиси 2.500 вработени.

„Бизнисот го почнав од егзистенцијални причини, но потоа кај мене се разви чувството за дополнителни вредности, чувството дека можам повеќе и подобро. Така ’Воли трејд’ стана најдобрата компанија во Црна Гора според квалитетот и според брзината на испораката“ и додава: „Никогаш не размислував колкав профит ќе имам, туку да го подигнам квалитетот на компанијата“, вели Бокан.

Во 2011 година ја основал и компанијата „Воли моторс“, овластен продавач на возилата BMW, Mini и Motorrad, со модерен продажно-сервисен центар.

Зборувајќи за иднината, Бокан нагласува дека од голема важност му е неговите деца да го продолжат она што е почнато, да се едуцираат и да добијат работни навики на реално место и со реални бизнис-искуства комуницирајќи со вистинските луѓе, а тоа ќе придонесе и за нивниот професионалниот развој, како и за развојот на бизнисот.

Покрај деловниот ангажман, Бокан е активен и во јавниот и во професионалниот живот. Член е на управниот одбор на Стопанската комора на Црна Гора, како и на бизнис-советот на Економскиот факултет при Универзитетот на Црна Гора. Од 2011 година е претседател на кошаркарскиот клуб „Будуќност воли“, а од јули 2025 година ја извршува функцијата претседател на Кошаркарскиот сојуз на Црна Гора.

Како еден од иницијаторите за формирање на Јадранската кошаркарска асоцијација - Adriatic Basketball Association (ABA-лига), Бокан бил претседател и член на претседателството на Лигата, а и денес е активен член на нејзиното раководство.

Меѓу големиот број признанија што ги има добиено, како најзначајни ги издвојува најдобар менаџер во Југоисточна и Централна Европа и менаџер на годината во Црна Гора. Во јавноста е познат по големиот број иницијативи во областа на бизнис-иновациите, корпоративната општествена одговорност и придонесот за развој на црногорската економија.

Стопанска комора на Северна Македонија

Остани поврзан