• недела, 24 ноември 2024

ДПС: Милатовиќ работи на тоа да не се формира влада

ДПС: Милатовиќ работи на тоа да не се формира влада

Подгорица, 2 октомври 2023 (МИА) - Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, ја покажа својата намера, кршејќи го Уставот, да ја преземе улогата на мандатар и со тоа да ја продолжи внатрепартиската пресметка во Европа сега, свесно работејќи да не се формира нова влада, соопшти Демократската партија на социјалистите (ДПС).

Од партијата велат дека на денешната прес-конференција Милатовиќ „во желбата да се претстави како државник, всушност не покажал ништо освен нарцизам, површност и незнаење“.

„Тој ја покажа својата намера да го прекрши Уставот и да ја преземе улогата на мандатар и со тоа да ја продолжи внатрепартиската пресметка во Европа сега, свесно работејќи да не се формира нова влада за да може Дритан Абазовиќ да ја исполни последната наредба од нивниот заеднички сопственик Александар Вучиќ – одржување на пописот“, оценуваат од ДПС.

Тие велат дека им е „драго што Милатовиќ барем декларативно и реторички дошол на платформата на ДПС“.

„Додека неговите партнери од Демократскиот фронт, кој сега на секој начин се обидува по налог на Вучиќ да го претстави како европска структура, гостуваа на руските телевизии и се китеа со руски рубљи, всушност ДПС беше таа што ги предводеше владите за време на кои започнаа преговорите со Европската унија, беа отворени сите поглавја од преговорите, а три се привремено затворени“, се вели во соопштението на партијата.

ДПС му порача на Милатовиќ да продолжи да се обидува.

Како што рекоа, ако навистина увидат дека Милатовиќ е навистина подготвен да ја поддржи европската платформа, тој може да се квалификува да биде нивни партнер во иднина.

„Засега, додека не го докаже спротивното, тој сè уште е само мал нарцисоиден производ на белградската лабораторија, исто како и Абазовиќ и слични слуги преку кои Александар Вучиќ влече потези во Црна Гора“, наведуваат од ДПС. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан