• вторник, 24 декември 2024

ДПА: Голем хакерски напад врз германската опозициска партија ЦДУ

ДПА: Голем хакерски напад врз германската опозициска партија ЦДУ

Берлин, 1 јуни 2024 (МИА) - Хакери извршија голем напад врз германската централно-десничарска партија Христијанско-демократска унија(ЦДУ) , потврди денеска германското Министерство за внатрешни работи, јави ДПА.

Министерството не даде дополнителни информации за обемот или природата на нападот, што во моментов го истражува германската безбедносна служба- Канцеларијата за заштита на Уставот.

-Меѓутоа, природата на нападот укажува на многу професионален актер, рече портпаролот на МВР, пренесува германската агенција.

Според извори блиски до германската Влада, пренесува ДПА, инцидентот, што се случува на една недела пред изборите за Европскиот парламент,  е сфатен многу сериозно.

Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, наводно била во контакт со лидерот на партијата ЦДУ Фридрих Мерц.

ЦДУ, партијата на поранешната канцеларка Ангела Меркел, соопшти дека тесно соработува со германските безбедносни власти и други надворешни експерти.

„Сојузната канцеларија за заштита на Уставот денеска треба да издаде предупредување до сите партии во германскиот Парламент“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи.

-Нашите безбедносни власти ги засилија сите заштитни мерки против дигитални и хибридни закани и обезбедуваат информации за опасностите. Уште еднаш гледаме колку е тоа неопходно, особено пред изборите, додаде тој.

Минатата година и германската владејачка Социјалдемократска партија (СПД) беше жртва на кибер напад, кога и беа хакирани адресите на е-поштата. Владата тогаш за хакирањето ја обвини руската воена разузнавачка единица (ГРУ) и повика висок руски дипломат во Министерството за надворешни работи во Берлин. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан