• четврток, 26 декември 2024

До 14 часот излезност од 30,4 отсто гласачи на изборите во Србија, евидентирани повеќе инциденти

До 14 часот излезност од 30,4 отсто гласачи на изборите во Србија, евидентирани повеќе инциденти
Белград, 3 април 2022 (МИА) – Во Србија граѓаните од 07 до 20 часот гласаат на претседателските избори, предвремените парламентарни избори и избори за Собранието на Белград и уште 13 градови и општини. За околу 100.000 гласачи од Косово гласањето на изборите е организирано во најблиските општини во централна Србија. Според Цесид и Ипсос, до 14 часот гласале 30,4 отсто од запишаните гласачи. Според податоците на РИК, од запишаните 6.502.307 до 12 часот гласале 20,52 отсто од гласачите, јави дописникот на МИА од Белград. - Денеска е голем ден, верувам дека излезноста ќе биде голема, дека граѓаните ќе ја изберат својата иднина и продолжување на економскиот напредок на Србија. Верувам дека изборите ќе поминат во најдобар ред и очекувам и верувам во значајна и убедлива победа, изјави актуелниот претседател и кандидат на СНС, Александар Вучиќ, на гласањето во Белград. Набљудувачите на Цесид и ЦРТА соопштија дека веќе во првиот дел од изборниот ден забележале повеќе случаи на физичко и вербално насилство на избирачките места, непочитување на процедурите, сликање на гласачките листи, користење на мобилните телефони, физичка пресметка во Нови Пазар поради што доцнеше отворањето на едно гласачко место, а информираат и за голем број други насилни инциденти. РИК потврди дека во Земун е дојдено до физички напад врз лидерот на опозициското Движење на слободни граѓани, Павле Грбовиќ, како и на еден пратеник на владејачката СНС во Чачак и на член на движењето „Да не го давиме Белград“. - Припадниците на Министерството за внатрешни работи ги преземаат сите мерки и дејствија за расветлување на околностите за инцидентите што се случија на денешниот изборен процес во Чачак и белградската општина Земун“, соопштија од МВР. Изборите во Србија ги следат повеќе од 4.000 набљудувачи од домашните организации ЦРТА и ЦЕСИД, како и делегации од Европскиот парламент, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Европската мрежа на организации за набљудување на изборите (ЕНЕМО). На претседателските избори на гласачкото ливче има осум кандидати, а за парламентарните се пријавени 19 листи. Во два града и 12 општини се гласа за состав на локални парламенти - во Белград, Бор, а советници ќе се избираат во општините Аранѓеловац, Смедеревска Паланка, Севојно, Лучани, Књажевац, Медвеѓа, Бајина Башта, Дољевац, Кула, Кладово, Мајданпек и Сечањ. Граѓаните избираат и 110 советници во белградското Собрание, кои потоа ќе го изберат градоначалникот на главниот град на Србија. Првите прелиминарни резултати РИК ќе ги објави 24 часа по затворањето на гласачките места, в понеделник на 4 април до 20 часот. об/паг/

Остани поврзан