До среда трае пријавувањето за „Невестинско поклонение 2025“ - познат постсвадбен обичај од Кривопаланечко
- Сите невести венчани меѓу двете Тодорови саботи, заедно со своите свекрви, имаат уште два дена да се пријават за учество во познатата манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“, уникатна вековна традиција што ги негува постсвадбените обичаи од Кривопаланечко.

Крива Паланка, 3 март 2025 (МИА) - Сите невести венчани меѓу двете Тодорови саботи, заедно со своите свекрви, имаат уште два дена да се пријават за учество во познатата манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“, уникатна вековна традиција што ги негува постсвадбените обичаи од Кривопаланечко.
Организаторот, Здружението „Патник“ ги прави финалните подготовки за годинашното 15-то издание, што ќе се одржи на 9 март во дворот на црквата „Св Теодор Тирон“ во селото Конопница.
- И оваа година ќе направиме културна реминисценција на времето кога младите невести, венчани меѓу двете „Тодорици“, заедно со своите свекрви му се поклонувале на светецот со молитва за род и пород. Годинава ќе бидеме почестени со третото, последователно учество на снаата и свекрвата од светски реномираната културна манифестација „Галичка свадба“, имаме пријавени парови, снаа - свекрва од: Струга, Скопје, Ранковце и Крива Паланка, така што засега имаме потврдено учество од западниот, централниот и источниот дел на државата. Но, сите што се заинтересирани да бидат дел од овој уникатен постсвадбен обичај и од зачувувањето на нематеријалното културно наследство, се добредојдени и можат да се пријават најдоцна до среда, информира Стојанче Величковски од РЗР „Патник“, иницијатор за обновување на традицијата.
Општина Крива Паланка традиционално ја поддржува манифестацијата што не само што го зачувува културниот идентитет на нашите предци, туку и ги задолжува нашите потомци да ја продолжат вековната традиција.
Во организацијата активно се вклучени покрај Општината и институциите од областа на културата од градот и МПЦ-ОА Кумановско-Осоговска епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво.
Право на учество имаат снаите кои склучиле брак меѓу две Тодорови саботи, заедно со своите свекрви, а услов е да бидат дотерани во роднокрајни носии.
„Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон 2025“ ќе се одржи в недела, 9 март, со почеток во 13 часот кога почнува традиционалното изведување на ритуалот на поклонување пред светецот, по што следува молитва за зајакнување на брачните врски и водосвет во дворот на црквата. Учесничките ќе добијат благослов за род, пород, благосостојба и слога во бракот. За секој пар организаторот обезбедува свечена поклоненичка марама и специјален поклоненички брош. Учество се пријавува кај Стојанче Величковски, „Патник“, 070321234, заклучно со среда, 5 март.
Во насока на подобрување на квалитетот и нивото на организација на манифестацијата, Кривопаланечкото архиерејско намесништво заедно со месното население изврши и обнова и уредување со опремување на трпезаријата - помошен објект на самата црква, со поддршка и од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, а во претстојниот период планирано е и партерно уредување на дворот на црквата, согласно расположливите ресурси.
Настанот ќе биде збогатен со културно - уметничка програма, настап на Андријана Алачки, бендот на Гоце Димовски, Синтезис и фолклорна програма на членовите на КУЗ „Карпош“ - Крива Паланка. ид/мд/
Фото: РЗР „Патник“ - Крива Паланка