• среда, 25 декември 2024

До петок трае собирањето потписи за кандидатите за претседател на претстојните избори

До петок трае собирањето потписи за кандидатите за претседател на претстојните избори

Скопје, 4 март 2024 (МИА) – До петок трае собирањето потписи од граѓаните за кандидатите за претседател на претстојните избори. На листата кандидати кои ги собраа потребните 10 000 потписи, изминатите денови се најдоа и кандидатот од СДСМ Стево Пендаровски и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска.

Според најновите објавени податоци на Државната изборна комисија (ДИК) до овој момент кандидатот Стево Пендаровски има собрано 21 852, а Гордана  Силјановска 28 029 гласови.

Претходно, потребниот број на гласови ги собраа и кандидатот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи, Арбен Таравари од опозицискиот блок „Вреди“, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Билјана Ванковска Цветковска кандидат на Левица и претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Димитриевски има освоено 11 601, Османи 11 085, Јакимовски 10 887 потписи, Таравари 10 709 потписи и Ванковска Цветковска 10 432.

Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи - кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1 596, кандидатот Вело Марковски - 1466 потписи, Ѓорѓи Манасков – 429, Зорица Цветковска – 204, Господин Попоски има 119 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.

Потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата оставиле вкупно 108 409 граѓани.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март до полноќ. 

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. 

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. свс/бак/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан