• среда, 25 декември 2024

До крајот на неделава ќе заврши евалуацијата на проектите на општините што ќе се финансираат од државниот буџет

До крајот на неделава ќе заврши евалуацијата на проектите на општините што ќе се финансираат од државниот буџет

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) – До крајот неделава се очекува шест  министерства да ги достават извештаите од комисиите кои прават евалуација на предлог-проектите со кои општините се јавиле на повикот за реализација на капитални и инфраструктурни проекти кои би се финансирале од централниот буџет. Најмногу предлози стигнале за реконструкции на улици и патишта и за проекти од областа на животната средина.

Повикот на Министерството за локална самоуправа  беше објавен на 5 септември и до крајот на рокот пристигнале 358 апликативни формулари од 80 општини. Со повикот, до крајот на годинава општините ќе имаат на располагање шест милијарди денари, а ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција денеска рече дека очекувањата од повикот се исполниле зашто општините пројавиле огромен интерес. Евалуацијата, рече, е во завршна фаза и до крајот на неделата се очекува шесте министерства да ги достават извештаите за проектите кои  ќе бидат финансирани, за Владата на седница да ги разгледа и усвои.

Перински на прес-конференција по повод  100 дена од Владата соопшти дека проектите се најмногу насочени кон Министерството за транспорт и се однесуваат за реконструкции на улици и патишта, а животната средина, како што рече, е втор ресор за кој имало голем интерес и најчесто се поднесени предлог-проекти за подобрување на канализациски и водоводни системи.

-Потоа следуваат останатите ресори. Дијапазонот е многу широк – има проекти во вредност од неколку стотици илјади денари, но имаме и предлог-проекти кои надминуваат вредност од 1,5 милијарда денари. Проектите не ги цениме на мали и големи зашто еден голем проект во мала, рурална општина, е мал проект за голема скопска општина, рече Перински на прес-конференцијата и посочи дека детали ќе се знаат откако ќе заврши евалуацијата и кога Министерството ќе ги добие извештаите од евалуацијата.

Перински нагласи дека Министерството што го предводи ќе продолжи со својата посветена работа за подобрување на животниот стандард и развој на сите региони во државата што е и главната цел на објавениот  повик за проекти на општините што ќе се финансираат од државниот буџет. хс/аа/

Фото: МИА архива / принтскрин

Остани поврзан