• среда, 25 декември 2024

Достапноста до наставата на мајчин јазик за учениците од помалите етнички заедници условена од повеќе фактори     

Достапноста до наставата на мајчин јазик за учениците од помалите етнички заедници условена од повеќе фактори     

Скопје, 21 април 2024 (МИА) - Застапеноста на јазиците на припадниците на малобројните заедници е ниска и во редовната, и во изборната настава. Покрај македонскиот и албанскиот, наставни јазици во државава се и турскиот, српскиот и од пред шест години босанскиот, а редовна настава не се спроведува на влашки и на ромски јазик. Изборниот предмет Јазик и култура за секоја од помалите заедници се изучува во мал број училишта.

Ова го покажува истражувањето на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците, спроведено од мај до ноември 2022 година со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во земјава, 12 години по претходно истражување. Заклучокот е дека во меѓувреме е направен напредок, но дека државата треба да вложи дополнителни напори за да се овозможи поголема достапност на јазиците на заедниците до децата низ образовниот систем. Тоа особено се однесува на влашката и ромската заедница, за да се спречи опасноста од исчезнување на јазикот на овие заедници. 

Директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците Драган Угреновиќ вели дека доколку се споредат двете истражувања направени од Управата, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, „со сигурност може да се констатира мал напредок, но недоволен за период од 12 години“. 

-Проблемите се речиси исти и се повторуваат од година во година, а сето тоа можеше да се реши во изминатиот период со мали залагања, но со големи успеси, доколку на Управата ѝ се дадеа поголеми ингеренции, учество при носење низа законски решенија, поголема соработка помеѓу Управата и органите во состав на МОН, изјави Угреновиќ за МИА.

Во средини каде што има жители од малобројните заедници (Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи), во мал број училишта се организира настава за изборниот предмет Јазик и култура на конкретна заедница. Причините за тоа, според наодите на истражувањето, се различни или се работи за комбинација од повеќе. 

Од една страна, родителите не се доволно информирани за можноста нивните деца да следат настава по изборен предмет Јазик и култура на нивниот мајчин јазик бидејќи несоодветно се спроведува анкетирањето за изразување интерес. Исто така, родителите немаат доверба дека наставата ќе биде квалитетна поради неподготвеност на училиштето и несоодветен кадар. 

Од друга страна, пак, забележано е недостиг на волја кај раководствата на училиштата за организирање настава по предметот Јазик и култура, кој на учениците им се нуди како втор изборен предмет, надвор од наставната програма, што бара обврзување за следење повеќе часови од предвидените, односно дополнителни часови по редовната настава. Тоа е додатно оптоварување за децата и семејствата, а останувањето по часовите е невозможно за оние деца кои патуваат со организиран превоз од пооддалечени места, бидејќи немаат можност да се вратат дома доколку не го искористат превозот што се нуди веднаш по завршување на редовната настава.

Во некои средини е забележано и демотивирање т.е. одвраќање на учениците и родителите да го изберат предметот Јазик и култура (на нивната заедница), а овие наоди од истражувањето ги потврдува и директорот на Управата.

--Информираноста или неинформираноста на родителите не е главна причина да не се воведе изборниот предмет. Едноставно училиштата за нив немаат интерес, анкетите кои се „спроведуваат“ често се проследени со коментари од раководствата - „што ќе ви е вашите деца да го зборуваат јазикот, тоа е само оптоварување“. Изборните предмети често се прикажуваат како дополнителни. Има училишта каде на децата им се дава анкетен лист, претпоставуваме само за да се потпише родителот, но да не се заокружува кој изборен предмет на заедницата би го одбрале, вели Угреновиќ. 

Согласно Законот за основно образование и Концепцијата за деветгодишно основно образование, 15 ученици во една паралелка е минимумот за да може да се изучува јазикот на одредена заедница како изборен предмет. Во повеќето училишта тој број е превисок да се постигне и е пречка за реализација на наставата по овој предмет.

Меѓу препораките во истражувањето е да се ревидира минималниот број од 15 ученици за да се формира паралелка за изборниот предмет Јазик и култура на заедницата (ЈЗК).  Според Угреновиќ, доколку се направат измени во Законот за основно образование и бројот се намали на 10 ученици во паралелка,  може да има поголем интерес, но сепак, вели, „останува на училиштето и општината да го спроведат тоа во дело“.

-Пропишаниот минимум од 15 ученици е прилично висока бројка особено во градовите, каде заедниците не живеат во хомогени средини, но и поради регионализација при упис во училиштата. Според моето сознание, има училишта во кои се отстапува од законски предвидениот број и општините дозволуваат да се изучува јазикот на заедницата со помал број. Но, има и училишта каде бројот на ученици е доста висок - на пример во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во општина Центар Бошњаците не се во можност да го следат мајчиниот јазик како изборен предмет, а сето тоа под изговор дека не се пријавиле доволен број односно нема 15 ученици, рече Угреновиќ.

За квалификуваноста на наставниците, директорот на Управата посочува дека за да се произведе наставен кадар, јазикот на заедницата треба да се изучува на Педагошкиот и на Филолошкиот факултет. Констатацијата дека нема доволно или воопшто нема соодветен кадар, смета Угреновиќ, се должи на тоа што на овие факултети е застапен само турскиот, но не и останатите јазици на помалите етнички заедници. Една од пречките да се има соодветен кадар е и неможноста за постојан работен однос на дел од кадарот што го исполнува нормативот. 

-И со тој кадар што го имаме не се работи за подобрување на јазичните компетенции.  Често се примаат наставници кои не го исполнуваат критериумот односно нормативот за наставен кадар предвиден со наставната програма. Контролата врз квалитетот на наставата не се спроведува. За жал, Управата ги нема тие ингеренции и сета настава е препуштена на наставникот и надлежните во училиштата, изјави Угреновиќ. 

Немањето учебници е, исто така, проблем со кој се соочуваат наставниците вклучени во наставата на јазиците на заедниците. Како што информира Угреновиќ, за српски јазик во редовна настава има учебници од прво до петто одделение, за шесто е предаден ракопис, а за седмо одделение е формиран авторски тим кој треба да го напише учебникот, додека „српскиот јазик во изборна настава не е покриен и оди во континуитет“.

Бидејќи турскиот јазик се изведува на сите образовни нивоа (од претшколско до високо), има кадар што би го предавал изборниот предмет Јазик и култура на Турците, но сѐ уште нема учебник за овој изборен предмет па наставниците се принудени, вели Угреновиќ, со лични напори да ја реализираат наставата врз основа на планот и програмата од Бирото за развој на образованието.

-За овој проблем е разговарано неколку пати со министерот за образование и наука, Педагошката служба и Бирото за развој на образованието, и секогаш се наоѓа изговор дека се работи на тоа. Соодветни автори за пишување учебник има, но во што е проблемот не знаеме. Во учебната 2019/2020 имаше ракопис за учебникот за изборниот предмет кој помина во Бирото за развој на образованието и беше вратен во МОН и тука застана, наведува Угреновиќ. 

Босанскиот јазик во изборната настава е целосно покриен со учебници, ги има од трето до деветто одделение, а во редовната настава од прво до петто одделение. За шесто е предаден ракопис, а за седмо е формиран авторски тим кој треба да го напише учебникот. 

Во текот на октомври или почетокот на ноември ќе бидат готови учебниците, најави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Учебници за влашката заедница има, но нема прирачник за наставници за изборниот предмет ЈЗК кој, вели Угреновиќ, би бил алатка за подобрување на процесот на подучување и, следствено, за подобрување на квалитетот на наставата. Проблемот со несоодветен кадар за настава на влашки јазик, според него, може системски да се реши со модуларни континуирани обуки кои ќе бидат фокусирани на потребите на наставниците по Јазик и култура на заедницата. 

-Обезбедување посигурен статус на наставниот кадар е, исто така, пречка поради која често се менува наставниот кадар за овој изборен предмет, додава Угреновиќ. 

Ромската тој ја посочува како заедница која се соочува со голем проблем - и за наставен кадар, и за учебници. Учебник по ромски јазик има само за трето, четврто и за петто одделение, нема интерес за создавање учебници за Јазик и култура на Ромите.  

-Во Северна Македонија нема катедра на ромски јазик каде би се запишале студенти и поради тоа нема соодветен кадар кој ги исполнува критериумите за одржување на изборниот предмет Јазик и култура. Во моментот предаваат наставници кои имаат завршено Педагошки или Филолошки факултет, во согласност со критериумите, и кои го познаваат ромскиот јазик, наведува директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците. 

Хатка Смаиловиќ

Фото: МИА архива / приватна архива на соговорникот

Остани поврзан