• среда, 27 ноември 2024

Досега само „Макпетрол“ доставила понуда за природен гас за ноември, до крајот на неделата понуди од уште две до три компании

Досега само „Макпетрол“ доставила понуда за природен гас за ноември, до крајот на неделата понуди од уште две до три компании
Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) - Во текот на оваа недела се очекува да бидат доставени понудите за набавка на потребните количини на природен гас за месец ноември. Досега понуда има доставено само „Макпетрол“, но се очекуваат понуди од уште две до три компании. - Веќе е пристигната една понуда од компанијата „Макпетрол“ за потребните количини за ноември, меѓутоа очекуваме уште неколку други понуди. Ќе видиме, која ќе биде најконкурентната, таа ќе биде прифатена. Гасот којшто треба да се добие во понудите за наредниот период, ќе биде гас којшто е потребен за топланите Исток и Запад,  вклучително и Север доколку се склучи договорот, но исто така и за работа на приватната централа ТЕ-ТО за да се стави во функција од ноември, со цел да се произведе повеќе електрична енергија, да го зацврстиме електроенергетскиот систем во државата, но исто така и да добиеме топлинска енергија, којашто ќе задоволи 60 проценти од топлинската енергија што е потребна за загревање на градот Скопје, изјави денеска директорот на ЕСМ Васко Ковачевски. Овој енергенс засега се купува месец за месец, односно до 20-ти во месецот се прибираат понудите за наредниот месец. Владини извори брифираат дека доколку се добие понуда за шест месеци со прифатлива фиксна цена, тогаш може да се склучи и договор за шест месеци. - Ако постигнеме цена која ќе биде фиксна и ќе одговара на пресметките за производство на електрична и на топлинска енергија, тогаш може да потпишеме таков договор, велат владини извори. Посочуваат дека има две посериозни компании кои за два до три дена би доставиле понуди. Од едната компанија не е исклучена можноста да достави понуда за шест месеци. Во однос на топланата Скопје-Север која најавува дека ќе има греење за уште неколку дена и бара помош од Владата, директорот на ЕСМ вели дека оваа топлана сеуште ги нема завршено формално-правно работите. - Известена е компанијата и очекуваме дека до почнување на новиот договор за деловна техничка соработка, претходните должничко-доверителски односи ќе ги завршиме и ќе можеме да влеземе во нов циклус. Очекувам нашите колеги од Топлана Север да си ја завршат прво својата обврска и потоа да може да обезбедуваме парно греење за околу 500 домаќинства и други потрошувачи во овој дел на градот Скопје, изјави Ковачевски. Со компаниите што ги понуди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на енергенси, досега нема ништо конкретно. Едната компанија, со чии претставници министерот за економија имаше средба во Белград, досега нема доставено никаква понуда. Се работи за компанијата „ПГО“ која доставила само предлог договор за соработка, но не и понуда. Никаков исход нема ниту со втората компанија. Станува збор за компанија од Република Српска. бак/ац/

Остани поврзан