• четврток, 26 декември 2024

Досега реконструирани 70 полициски објекти, Спасовски најави набавка на возила

Досега реконструирани 70 полициски објекти, Спасовски најави набавка на возила

Прилеп, 1 јануари 2022 (МИА) - Прилепската полициска станица е 70-та во досега реконструираните полициски објекти во државава. Oстануваат уште 10-тина и процесот треба да заврши кон средината на годинава. Што се однесува до работењето на полициската станица, има значаен напредок во безбедноста, а намалување на криминалитетот, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета Одделението за внатрешни работи во Прилеп, а воедно и традиционалната првојануарска посета на македонските полицајци.

- Денеска на првиот работен ден, иако сите денови се работни за македонската полиција, сме во Прилеп, во посета на Одделението за внатрешни работи во Прилеп, а имаме два поводи за тоа. Првиот е, традиционално за први јануари посетуваме полициска станица и оддаваме признание за сето тоа што го прават македонските полициски службеници за безбедноста и мирот, дури и на пречекот на Новата Година.  Втората причина е да го промовираме 70-ттиот реконстуиран, целосно обновен полициски објект - Одделението за внатрешни работи во Прилеп, како дел од проектот за обновување објекти и создавање подобри услови; и за работа на македонските полицајци и за остварувањето на правата на граѓаните. Со задоволство констатирам дека ова е еден од најубавите објекти, задржан е автентичниот изглед, користени се материјали за енергетска ефикасност и уверен сум дека сите вработени имаат многу подобри услови за работа, помотивирани ќе бидат да си ја вршат работата и граѓаните да ги остварат своите права, изјави Спасовски.

Спасовски со заклучок дека е подобрена ефикасноста на вработените во прилепската полиција и криминалитетот е намален за 30 проценти.

- Има значителен напредок во безбедноста во споредба со изминатиот период. Имаме намалување за 30 проценти на криминалитетот, а за повече од 6 проценти е зголемена ефикасноста во работењето, многукратно зголемени во споредба со 2016 година. Сето тоа укажува дека добро сме се поставиле како раководство на МВР, сме ги определиле важните приоритети за безбедноста. На тој начин се стремиме да добиеме резултати кои се подобри, и треба да бидат такви, рече Спасовски.

Спасовски информира дека во тек е реконструкцијата на уште неколку објекти во државава: во Карпош, Гази Баба, Берово, во Делчево, Пехчево. Проектот за кој досега се потрошени околу 250 милиона денари треба да заврши кон средината на годинава.

- Очекувам до средината на 2022 година ќе се обноват сите објекти. Досега се потрошени околу 250 милина денари во реконструкциите сите овие години. Сега имаме и три битни приоритети во оваа година: целосна реконструкција на Центарот за обука, каде се создаваат кадрите за Полицијата, а не е реконструиран повеќе децении, потоа целосна реконструкција на Одделението за управни работи во Скопје и изградба на нова полициска станица во Аеродром, во Скопје, рече тој.

Спосовски најави дека се предвидени средства во Буџетот за оваа година за набавка на возила.

- По празниците ќе го донесам планот за јавни набавки и според законските процедури ќе почнеме постапка за набавка на возила за оперативното работење на полицијата, истакна Спасовски.ем/фф/

Остани поврзан