• сабота, 23 ноември 2024

Досега непознато морско суштество откриено во британските води

Досега непознато морско суштество откриено во британските води

Лондон, 1 март 2024 (МИА) - Во морето кај југозападна Англија е пронајден нов вид морски полжав. Новооткриеното суштество е забележано од истражувачки брод и ѝ припаѓа на група полжави што вирее во потопли води и може да мигрира на север поради климатските промени.

Рос Булимор од Центарот за наука за животна средина, храна и аквакултура (ЦЕФАС) го потврди случајното откритие на новиот вид. Тој вели дека околу 100 различни морски полжави се пронајдени во морињата крај Велика Британија и Ирска, но ова е „нешто посебно“, како што истакна стручњакот. Полжавот, инаку, го доби називот „Pleurobranchaea Britannica“.

- Откритието покажува дека имаме уште многу да научиме за животот во морињата. Прилично е возбудливо да се најде нов вид кој не е микроскопски. Тоа покажува дека има уште работа за нас, изјав Питер Бери од ЦЕФАС.

Морските полжави се вид мекотели без школки, и растат само до околу пет сантиметри во должина. Тие им помагаат на научниците подобро да ги проучат морските екосистеми, поради нивната чувствителност на влијанијата од климатските промени и човековото дејствување.

- Гледаме присуство на вид кој отсекогаш бил забележан во потоплите води. Ова може да значи дека тој може дополнително да го проширува своето присуство бидејќи условите стануваат поповолни или попогодни за него, забележа Булимор.

Поради повисоките температури на океаните, постои загриженост за влијанието врз морскиот свет. Потоплите океани и топлотните бранови ги вознемируваат морските видови - риби, китови и др., додека се движат во потрага по поладни води, нарушувајќи го така и синџирот на исхрана. Научниците предупредуваат дека тоа може да влијае на рибниот и морскиот свет.  си/

Фото: „Х“

Остани поврзан