• недела, 24 ноември 2024

Досега најголема вежба „Брз одговор 22“ викендов на „Криволак“

Досега најголема вежба „Брз одговор 22“ викендов на „Криволак“
Криволак, 6 мај 2022 (МИА) - Комплексна воена вежба „Брз одговор 22“ („Swift Response 22) која вклучува 4.600 војници, од осум држави -  Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и Грција ќе започне викендов на армискиот полигон Криволак и е досега најголемата вежба што се реализира во земјава. Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска по брифингот на кој беа презентирани можностите и целта на учесниците на мултинационална вежба изјави оти за нив, како Министерство за одбрана и како Армија е голема чест да бидат домаќини на ваква вежба. Таа изрази убедување дека припадниците на нашата Армија и на МО ќе го покажат тоа што најдобро го знаат и умеат. - Целта на оваа вежба има два аспекта. Тоа е подготвеноста на нашата македонска Армија за вакви комплексни вежби што ги изведуваме заедно со сојузниците, при што се покажува нејзината подготвеност, нивото на операбилност, но и начинот на кој се соработува со армиите во рамки на НАТО. Второ, што е исто така значајно за нашата држава - ги покажува капацитетите и способностите на тренинг центарот Криволак, потенцира Петровска, додавајќи оти Криволак е сериозен тренинг центар, на кој сите членки на Алијансата ќе ги користат нејзините поволности. Министерката Петровска ги повика граѓаните на 8 мај - недела во периодот од 10 до 16 часот на спортскиот аеродром Стенковец на отворен ден, кога ќе бидат изложени сите воздухолови кои учествуваат во вежбата, а  тоа се 45 најразлични воздухоплови, авиони и хелкоптери. Ќе бидат изложени воздухопловите на Армијата и МВР. На 12 мај ќе биде отворениот Ден за високи гости. Амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, која беше на „Криволак“ заедно со министерката Петровска, изјави дека „Брз одговор 22“ е вежба на сојузничките воздухопловни десантни сили, дел од пошироката серија вежби што се одржуваат низ цела Источна Европа. Информира дека за време на вежбата ќе видиме и 22 воени борбени авиони и транспортни воздухоплови, како и 23 хеликоптери на сојузничките сили, кои ќе ја покажат волјата и способноста да ги бранат своите челенки. - Ќе се покаже колективната подготвеност и способност и трансатлантската врска што го направи НАТО најсилниот сојуз во модрената светска историја, изјави меѓу другото амбасадорката Галовеј. Таа меѓу другото наведе дека 1.800 падобранци од борбениот тим на 16 - та воздушна јуришна бригада од Обединетото Кралство за да го покажат воениот професионализам. - Силите на Обединетото Кралство, кои учествуваат во вежбата се способни, високо обучени, добро опремени, логистички добро поддржани, рече таа. Обединетото Кралство, потенцира, е близок сојузник на Северна Македонија и можете да се потпрете на нашата поддршка како на сојузник на НАТО. -Нашите армии тесно соработуваат уште во периодот на пристапувањето во Алијансата и ќе продолжиме со таа пракса. Според амбасадорката Галовеј, треба да инвестираме и во традиционалната одбрана и во модерните капацитети, да продолжиме да работиме заедно како блиски партнери во НАТО, додаде таа. Бригадниот генерал Џозев Хилберт изјави дека вежбата „Брз одговор 22“ е клучна за командата на копнената војска на САД за Европа и за Африка, како и за сите сили на НАТО затоа што, истакна, на овој начин ја демонстрираме нашата интероперативност, но во исто време ја извежбуваме не само нашата индивидуална подготвеност, туку и колективно на ниво на Алијансата. - Не би можеле едни без други да покажеме што можеме. Заедно сме посилни како сојузници, изјави  бригадниот генерал Џозев Хилберт и се заблагодари  за нашата поддршка и придонес во овој, како што рече, голем сојуз. см/цр/    

Остани поврзан