• четврток, 26 декември 2024

Донирани 593 камери на секторите за внатрешни работи преку проектот „Мобилен систем за снимање со камери“

Донирани 593 камери на секторите за внатрешни работи преку проектот „Мобилен систем за снимање со камери“
Скопје, 3 февруари 2021 (МИА) - Во просториите на Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај во Петровец денеска се одбележа заокружувањето на проектот „Мобилен систем за снимање со камери“ поставени на полициските службеници што вршат контрола и регулирање на сообраќајот. Проектот претставува донација вредна 1.061.000 американски долари, проект на ИЦИТАП програма на Одделот за правда на Владата на Соединетите Американски Држави наменета за Единиците за сообраќајот и Одделот за гранични работи. Програмата поддржа пилот проект за мобилни камери на Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај во 2016 година,  што беше прв пат полициски службеници од државава да бидат опремени со мобилни камери на работното место. - Ставањето во употреба на мобилните камери имаше позитивен ефект на односот помеѓу сообраќајната полиција и граѓаните кои беа запирани за сообраќајни прекршоци. Бројот на поднесени жалби против полициските службеници беше значително намален и спроведената електронска анкета од 2021 покажа повисоко ниво на сатисфакција и кај двете страни- полициските службеници и граѓаните, рече вршителот на работите во Амбасадата на САД во државава Ерик Мејер. Тој сподели дека оваа година, преку ИЦИТАП, поддршката беше проширена за секторите за внатрешни работи во Тетово, Охрид, Куманово, Скопје, Велес, Битола, Штип и Струмица, како и Одделението за гранични работи и миграции со донирање на 593 камери. Мобилните камери, како што рече, се веќе ставени во функција тука во Скопје, Тетово, Куманово, Охрид, на пет гранични премини како и во Мобилната единица за компензаторски мерки, а до крајот на овој месец ќе започне употребата во останатите градови. - Овие камери ги обезбедивме за да ги поддржиме напорите на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност да изградат модерна и транспарентна полициска служба која ќе биде насочена кон заедницата и ќе ги почитува човековите права. Ова значи дека граѓаните ќе имаат појасна слика, а воедно и доверба за начинот на кој органите за спроведување на законот им служи на нивните потреби, рече Мејер. Мобилниот систем за снимање значи целосно опремување со вкупно 593 камери на сите сектори за внатрешни работи, односно на единиците за безбедност во сообраќајот и одделот за гранични работи, кој се темели врз, исто така, веќе воспоставената информациско-софтверска инфраструктура за нивно непречено и квалитетно работење преку бројни обуки и стручни едукации на полициските службеници. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека е горд што во релативно краток временски интервал успеале во Министерството за внатрешни работи да реализираат многу реформски проекти и задачи, како што рече, синхронизирани со реалните потреби на полицијата, на сите организациони единици, а сѐ со една цел значајно зголемување како на материјално-техничките и професионални капацитети за работа на министерството, така и негово хармонизирање и стандардизирање до постоечките евро-атлантски критериуми на полициско работење и функционирање. - Станува збор за проект што има суштинско место во стратешкиот план на Бирото за јавна безбедност при МВР во делот на сообраќајот, односно сообраќајните работи чија имплементација е поткрепена и нормативно преку Законот за полиција и оперативно преку веќе постоечките Стандардни оперативни процедури за работење што со себе носи бенефит што многу значи и за нас како полиција и за граѓаните како учесници во сообраќајот. Впрочем, со мобилниот систем за снимање не само што ќе се добие на квалитет и документирањето на прекршоците, туку истовремено се подига квалитетот на полициското постапување, неговата професионалност и транспарентност, рече Спасовски. Оттаму, дополни тој, се сосема реални очекувањата за натамошно поефикасни справување со сите предизвици од областа на безбедноста во сообраќајот.

- Дотолку повеќе што сме силно решени да истраеме во новонастнатиге динамични модели на работа со засилени и сеопфатни сообраќајни контроли и проверки на патиштата низ земјава, независно дали се работи за урбани или други средини, посочи Спасовски. ар/лв/

     

Остани поврзан