• сабота, 28 декември 2024

Донесени законите за ратификација на три договори од процесот за Западен Балкан

Донесени законите за ратификација на три договори од процесот за Западен Балкан

Скопје, 19 април 2023

Во почетокот на денешната 111 седница на Собранието на Република Северна Македонија донесени се неколку одлуки за пополнување на собраниските работни тела. Собранието, исто така, ги донесе законите за ратификација на трите договори што ги потпишаа лидерите на земјите од Западен Балкан, во рамки на Самитот за Берлинскиот процес, во ноември минатата година.

Со 85 гласа, е изменета Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието. Овие измени се однесуваат на 14 комисии во законодавниот дом.

Собранието донесе измени и на Одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. За нов член во оваа Комисија е избран пратеникот Ремзи Мехмеди.

Изменета е и Одлуката за основање пратенички групи за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи. Усвоените измени се однесуваат на осум пратенички групи за соработка.

Со измени на Одлуката за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици-членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, за нов член во ова тело е избран пратеникот Халил Снопче.

Пратеничката Санела Шкриењ, пак, е избран за нова членка во Комитетот за односи меѓу заедниците, со донесените измени на Одлуката за избор на членови на ова тело.

Тројца пратеници од актуелниот состав влегоа во Националниот совет за евроинтеграции, со измени на Одлуката за избор на членови на НСЕИ.

Собранието ја избра за член во Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност Наталија Атанасова Панчевска, редовна професорка на ПМФ.

Потврден е и предлогот за престанок на мандат на член на Регулаторната комисија за домување, поради стекнување услови за старосна пензија.

Со 65 гласа „за“ усвоен е и Закон за ратификација на Договорoт за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.

Собранието го донесе и Законот за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на Централно-европскиот Договор за слободна трговија, за што гласаа 68 пратеници.

На денешната седница, Собранието ги разгледа и: Дополнетиот предлог на закон за дополнување на Законот за возила; Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за енергетика; Дополнетиот предлог на закон за зоотехника и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи.

 

Собрание на Република Северна Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан