• среда, 25 декември 2024

Донација од МД „Илинден“-Тирана за македонскиот културно-информативен центар во Тирана

Донација од МД „Илинден“-Тирана за македонскиот културно-информативен центар во Тирана
Тирана, 13 октомври 2021 (МИА) – Претседателот на македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, кој во исто време е и главен и одговорен уредник на истоимениот весник, денеска беше во посета на македонскиот културно-информативен центар во Тирана. - Имав срдечна средба со директорот на центарот, Златко Ориѓански. Му ја честитав функцијата и посебно му го пренесов задоволството, од име на Македонците, за отворањето на оваа институција, што беше нивен сон кој конечно се реализира, изјави Ѓурѓај, за МИА. Додава дека повод за посетата на Центарот била донацијата од друштвото, која меѓу другото се состои од по еден примерок од сите 46 изданија на македонскиот весник „Илинден“, кој годинава одбележа десет години од првиот број. - Потоа пет примероци од брошурата во која се содржани резолуциите предложени од МД „ Илинден“ а изгласани од Федералната Унија на европските националности (ФУЕН) печатена на три јазици, македонски, албански и англиски. Исто така доставивме и по пет примероци од разгледницата „Народни носии на Македонците во Албанија“ отпечатена на македонски и албански јазик, додава тој. Посочува дека го информирал својот домаќин за целите на друштвото, кое е формирано на 6 февруари 2009 година од група граѓани со македонско потекло, за заштита на македонското национално малцинство на целата територија на Република Албанија. - Го информирав дека основни задачи на друштво се заштитата и афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет и наследство на Македонците, како и интеграцијата на Македонците во политичкиот систем и институциите на локално и централно ниво во Република Албанија, нагласи Ѓурѓај. Искажан бил заеднички став за поголема соработка меѓу друштвото и центарот. вт/цр

Остани поврзан