• среда, 25 декември 2024

Донација во вредност од околу 570.000 долари за Клиниката за кардиологија

Донација во вредност од околу 570.000 долари за Клиниката за кардиологија
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - По повод 29 септември – Светскиот ден на срцето, министерот за здравство Беким Сали ја посети Универзитетската Клиника за кардиологија каде беше врачена нова медицинска опрема, донација на World medical relief, од македонската дијаспора во Соединетите Американски Држави. - Станува збор за опрема во вкупна вредност од околу 570.000 долари, наменета за зајакнување на повеќе универзитетски клиники од која најголем дел, околу 80 проценти е наменета за Клиниката за кардиологија. Опремата е поставена на Одделот за интензивна нега во ангиографски сали и на повеќе болнички оддели, а се состои од кислородни концентратори, апарати за стерилизација, кислородни маски, неинвазивна вентилација, различен мебел, кревети, колички, потрошен материјал, изјави Сали. Директорот на Клиниката за кардиологија, д-р Жан Зимбаков истакна дека во изведувањето на оваа донација учествуваа и локални компании, односно логистичка поддршка дадоа компаниите „Алкалоид“ и „Фарматеј“. - Универзитетската клиника за кардиологија во континуитет го поддржува Светскиот ден на срцето, се одбележува на денешен ден под мотото „Употребете го срцето за сите други срца“, што всушност значи дека треба да бидеме похумани, да го зголемиме ентузијазмот и да ги употребиме сите наши знаења, сите наши можности да помогнеме да спасиме повеќе срца, порача д-р Зимбаков. Д-р Александра Ѓоргиева од Клиниката за кардиологија вели дека со оваа донација не само што ќе се овозможи поголема сатисфакција во лекувањето на пациентите, туку и подобри услови за квалитетна едукација на младите лекари. - Унапредувањето на условите за оваа категорија пациенти е една од главните заложби на Министерството и Клиниката за кардиологија, имајќи ја предвид специфичноста и сензитивноста на здравствената состојба на овие пациенти, порача министерот Сали. Потсети и дека во изминатиот период во оваа Клиника се реализирани и други инвестиции меѓу кои реновирање на радиографските сали, реновирање на подовите и плафоните низ клиниката. - Наскоро очекуваме отворање, односно пуштање во употреба на ангиографски систем. Во однос на зајакнувањето со кадар на оваа јавна здравствена установа, во моментот на Клиниката специјализираат околу 60 специјализанти односно млади лекари, изјави тој. ки/аа/

Остани поврзан