• понеделник, 29 јули 2024

Донаторски настан по повод Мовембер – Месецот на машкото здравје организира Ротари клубот Кочани – Виница

Донаторски настан по повод Мовембер – Месецот на машкото здравје организира Ротари клубот Кочани – Виница
Виница, 18 ноември 2022 (МИА) – Ротари клубот Кочани – Виница ќе организира хуманитарен настан во рамки на овогодишното одбележување на Мовембер – Месецот за подигање на свеста за машкото здравје Активноста ќе се реализира со поддршка од Општина Кочани, како дел од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите, при што ќе се одржат донаторска театарска претстава и едукативно предавање. -Традиционално, со години наназад даваме поддршка во подигањето на јавната свест за здравјето воопшто, а дел од активностите е и одбележувањето на Мовембер. По тој повод годинава ќе организираме донаторска театарска претстава во соработка со Народниот театар при Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип. Актерите ќе ја прикажат ЈЗУ „Европа“, работена по мотиви од текст на Мирољуб Недовиќ, а во режија на Кристина Атанасова Арсова. Претставата е закажана за в петок, на 25 ноември, влезницата чини 250 денари, а собраните средства ќе бидат донирани. Дополнително, во рамки на овој настан ќе има и едукативно предавање за одржување на менталното здравје, а предавач ќе биде докторот Дарко Иванов, психијатар од Центарот за ментално здравје во Кочани, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот Кочани – Виница. Членовите на Ротари клубот Кочани – Виница го реализираат хуманитарниот настан во соработка со колегите од Ротари клубот Штип, а во рамки на овогодишната интернационална ротаријанска тема „Imagine Rotary“. Средствата што ќе се соберат ќе бидат донирани за поддршка на граѓани од социјално ранливите категории. та/цр

Остани поврзан