• среда, 25 декември 2024

Домот за стари лица Куманово ја одбележува Неделата за грижа на старите лица

Домот за стари лица Куманово ја одбележува Неделата за грижа на старите лица

Куманово, 23 ноември 2023 (МИА) - Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово со повеќе активности ја одбележува Неделата на грижа на стари лица под мотото „Сите сме нивни деца“, информираа денеска од општинската установа.

Претставници од Црвен крст, деца, ученици ги посетуваат корисниците и со различни активности го збогатуваат секојдневието на корисниците на установата.

- Неделата на грижа на стари лица се одбележува од 20 до 26 ноември, секоја година и е одлична можност да се вратиме на добиете воспоставени активности со кои ги збогатуваме секојдневните активности на нашите корисници. Сите пријатели, правни субјекти ја збогатија оваа недела, изјави директорот на установата, Дејан Стојановски.

Во државата и пошироко сè поевидентна е потребата од вакви установи. Поради миграцијата на младите, брзиот начин на живот, сè поголем број повозрасни се одлучуваат да ги поминат „третото доба“ во установи за згрижување на стари лица. Во кумановскиот дом речиси целосно се исполнети капацитетите. Бројката варира, вкупниот капацитет е 179. Дваесетината слободни места кои се јавуваат се наменети за лицата кои целосно се независни. Но, во Домот аплицираат семејства кои бараат сместување за немоќните стари лица. Цената за сместување е 16.000 денари во која е вклучено сместување, оброци, лекари, освен одредени лекарства.

- Неминовно е зголемување на вакви капацитети, како институција го чувствуваме тој товар. Меѓу поголемите сме во државата и нема доволно места, ниту приватните домови не ја амортизираат потребата од згрижување на старите лица, заради темпото на живот, миграцијата. Како институција не можеме самостојно да работиме на зголемување на капацитети, туку тука треба да постои силна соработка со секторот за социјална заштита од општина Куманово и во корелација со МТСП да се изработи издржана програма, среднорочна или краткорочна во која ќе се предвиди зголемување на капацитети и оваа потреба ќе се амортизира онака како што треба, вели Стојановски.

Институцијата е изградена во поранешната држава и изминатиов период се реконструираа одредени оддели со средства од буџетот на установата. Во текот на годинава се реконструираше реон со дванаесет соби.

- Постојано сме во контакт со МТСП и со општина Куманово за да можеме да обезбедиме повеќе средства затоа што во домот постојат 80 соби, ние досега успеавме да реновираме околу 30, и се надеваме дека во 2024 овој тренд ќе продолжи, а ќе се размислува и за проширување на капацитети. По реконструкција на собите, чекаме мебел, затоа не го пуштаме во употреба, изјави Стојановски.

Од установата најавија дека ќе набават соодветна опрема и за кујната, а по божиќните празници очекуваат да профункционира фризерски салон наменет за корисниците. ам/цр


Фото: МИА

Остани поврзан