• среда, 25 декември 2024

Доминиканскиот претседател најави драстични мерки доколку пропадне мисијата на ОН на Хаити

Доминиканскиот претседател најави драстични мерки доколку пропадне мисијата на ОН на Хаити

Њујорк, 26 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Доминиканската Република, Луис Абинадер, во Обединетите нации предупреди дека неговата администрација ќе преземе „драстични мерки“ за да ја заштити оваа карипска земја доколку полициската мисија распоредена во соседен Хаити, под мандат на ОН, не даде резултати.

Абинадер не кажа  какви конкретни активности планира неговата земја во случај на неуспех на мисијата на ОН.

Хаити и Доминиканската Република го делат островот Хиспаниола во Карипското Море.

Хаити е во хаос, со банди кои држат околу 80 отсто од нејзиниот главен град Порт-о-Пренс. Тие станаа многу посилни откако претседателот на земјата, Жовенел Моаз, беше убиен во 2021 година.

Насилството на Хаити принуди околу 700.000 луѓе да ги напуштат своите домови, а илјадници ја напуштија земјата.

По долго одложување, ОН таму распоредија меѓународни полициски сили, предводени од Кенија, но сè уште им недостига работна сила што ја ветија различни земји, за мисијата да ги има планираните 2.500 луѓе. Американската влада вели дека таа мисија нема доволно ресурси и ја разгледува идејата за испраќање мировна мисија на ОН на Хаити.

Претседателот на Доминиканската Република се заблагодари на Кенија, на чии полициски сили, вкупно 400, неодамна се приклучија дваесетина полицајци и војници од Јамајка и двајца високи воени офицери од Белизе. Сепак, Хаити има 11 милиони жители.

Абинадер бара актуелната мисија да се формира во целост за да може да се одржат слободни и транспарентни избори на Хаити, кои не се одржани од 2016 година, а преодниот претседателски совет, кој сега е на власт, мора да ги одржува до февруари 2026 година.

„Практично една година пред изборите, сè уште нема услови за нивно одржување. Не можеме да дозволиме да пропадне она што го направивме досега. Ако тоа се случи, колапсот на Хаити е неизбежен“, рече Абинадер. паг/

Фото: ЕПА



 

Остани поврзан