• среда, 25 декември 2024

„Домаќинство за почетници“ ја доби 17. Queer Lion награда на фестивалот во Венеција

„Домаќинство за почетници“ ја доби 17. Queer Lion награда на фестивалот во Венеција

Скопје, 8 септември 2023 (МИА) - „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски ја доби 17. Queer Lion награда во рамките на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција.

Филмот во продукција на Лист Продукција – Скопје е награден во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер.

Во објаснувањето за наградата стои дека „Queer Lion со гордост го наградува филмот “Домаќинство за почетници” во режија на Горан Столевски, за невообичаеното и храбро прикажување на етникумите, различностите, родовиот идентитет, љубовта, пријателството и емотивните афинитети.”

„Квир семејствата не се иднината; тие се сегашноста!“, изјави режисерот Столевски за тополиот прием од публиката во Венеција по проекцијата на неговиот филм.

„Домаќинство за почетници“ пред два дена ја имаше светската премиера во Венеција, во рамките на натпреварувачката програма „Orizzonti“, а публиката во преполната сала „Дарсена“ со голем аплауз и долги стоечки овации ги награди режисерот Столевски и актерската екипа во филмот.

Седумнаесеттото издание Queer Lion Award, која е една од неколкуте дополнителни награди кои се доделуваат во склоп на филмскиот фестивал во Венеција од страна на здруженија на филмски критичари, клубови и културни здруженија и кино професионалци, ќе се одржи денеска во 19 часот. Наградата е иницирана во 2007 од страна на Даниел Н. Казагранде, новинар и филмски критичар, а со поддршка на Марко Милер, тогашниот директор на филмскиот фестивал во Венеција.

„Домаќинство за почетници“ доби и специјално признание од италијанската фондација „Fondazione Fai Persona Lavoro Ambiente" за социјално ангажиран филм. Во објаснувањето за ова признание стои дека „Филмот е навистина извонреден бидејќи го истражува влијанието на различните слоеви на идентитет, како што се полот, етничката припадност, сексуалната ориентација и религијата преку интерсекциска призма“. дма/аа/

 

Остани поврзан