• недела, 28 јули 2024

Домашните маки на Макрон ќе му го исцрпат европското лидерство

Домашните маки на Макрон ќе му го исцрпат европското лидерство
22 јуни 2022 АФП Загубеното мнозинство на Емануел Макрон може да доведе до дополнително слабеење на европското лидерство, со тоа што францускиот лидер ќе биде расеан од домашните неволји, дури и додека ја задржува формалната контрола над надворешната политика. Загубата на мнозинството на парламентарните избори во неделата претставува голем личен удар за Макрон, бидејќи тој бара отскочна даска за реформи по освоениот втор мандат во април. Неговиот прв претседателски мандат од 2017 година беше забележан по тоа што Франција се позиционираше себеси како голем играч на глобалната сцена. Многумина го гледаат Макрон како број еден во Европа во пресрет на Брегзит и заминувањето на германската канцеларка Ангела Меркел. Но, дебаклот на парламентарните избори бележи незгоден период за Макрон во неделите што следуваат, по неговиот претседателски триумф над екстремната десница, што фановите го прославија како победа за демократскиот центар против популизмот. Тешката полициска акција на финалето на фудбалската Лига на шампиони во Париз ја наруши репутацијата на Франција во странство и покрена прашања за можноста на земјата да биде домаќин на настани. Макрон се соочи со обвинувања за несакање Украина да ја победи Русија во борбата против инвазијата, откако се изјасни дека Западот треба да се погрижи да не ја понижи Москва. И додека претседателот во теорија ја има целата контрола над надворешната политика, сега следуваат недели на политичко тргување со коњи што ќе го отстрани сјајот од неговата репутација на незаменлив европски лидер. „Можно слабеење“ Резултатите од законодавните избори ќе имаат влијание врз политичкиот кредибилитет на претседателот, тврди Тери Чопин, специјален советник во Институтот Жак Делор. - Ова има негативен ефект врз неговото влијание на европската сцена, додаде Чопин. Од строго институционална гледна точка, европските проблеми остануваат силен прерогатив на претседателот, смета тој. - Но, доколку претседателот е спречен во спроведувањето структурни реформи очекувани од европските партнери, тоа може да има негативен ефект, изјави тој за АФП. Посебен удар за претседателот кој се гордее што е антипопулистички шампион, беше успехот на екстремната десница, што под нивната зајакната лидерка Марин Ле Пен, сега има 89 места во Националното Собрание. - Ние гледаме трендови во други земји членки на Европската Унија, каде бројни сили тежнеат кон уништување на ЕУ одвнатре, истакна Тара Варма од Европскиот совет за надворешни односи. Ле Пен фрли око врз контролата на парламентарниот финансиски комитет, а членови на нејзиниот Национален фронт, исто така, може да играат улога во моќниот комитет за надворешни работи. - Ќе има многу договарња со групи непознати за нивните европски симпатии, што ќе доведе до живи размени, појасни Паскал Хоанин од фондацијата Роберт Шуман. Според Паоло Матера, професор по современа историја на универзитетот Рома Тре во главниот град на Италија, промена во француската надворешна политика е „веројатно невозможна“, но, слабеење сега е „можно“. - Макрон се надеваше да ја довери домашната политика на доверлив премиер за тој да ѝ се посвети на меѓународната политика, нагласи Матера. Но, Макрон сега ризикува да посвети „многу време и енергија на домашни прашања, на штета на надворешната политика“, смета Матера. Драги во центарот на сцената Европа сега има недостиг од национални лидери со харизма и политички простор да ги бранат своите вредности на глобалната сцена. Германскиот канцелар Олаф Шолц се соочи со тежок почеток од неговиот мандат, оптоварен со поплаки за поддршката на Берлин за Украина, што била недоволна. Му се дава дополнителна важност на италијанскиот премиер Марио Драги, поранешен шеф на Европската централна банка, кој како Макрон, се гледа како бедем против популизмот. Драги ги придружуваше францускиот лидер и Шолц на патувањето во Киев минатата недела. - Може да се каже дека антиестаблишментот е уште еднаш во пораст, ова би биле лоши вести за Драги, кој е типично олицетворение на естаблишментот. Од друга страна, со Макрон донекаде осакатен, Драги го добива центарот на сцената на ниво на ЕУ месециве што следуваат, подвлекоа аналитичари во консултантската фирма во Рим, Полиси Сонар. бд/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан