• вторник, 12 ноември 2024

Дождот до врв го наполни речното корито на Сушица

Дождот до врв го наполни речното корито на Сушица

Кичево, 11 февруари 2021 (МИА) - Последните врнежи од дожд до врв го наполнија коритото на градската река во Кичево, која традиционално има малку вода или во текот на летото целосно пресушува, за што најдобро зборува и нејзиното име Сушица.Така деновиве коритото на оваа река не кореспондира со нејзиното име, но за тоа се причина интензивните врнежи од дожд.

Толку полно корито Сушица немала повеќе од две години, поточно од поплавите што се случија во овој регион на почетокот на пролетта 2019 година.

-Претежно сувата река која не случајно се вика Сушица, по силните врнежи од дожд ни малку не наликува на нејзиното име,бидејќи интензивните врнежи од дожд до врв го наполнија речното корито и, ако и наредните денови има нови врнежи, тогаш постои можност градската река да се излее од своето корито, но тоа не претставува никаква опасност, бидејќи Сушица има добро регулирано корито, вели Петар Тренески, жител во крајречниот појас.

Тој смета дека главната корист од надојдената Сушица ќе има нејзиното корито кое само се чисти од нафрланото ѓубре.

 -Најголемата придобивка од надојдената Сушица секако е чистењето на речното корито по природен пат од многуте мали депонии создадени во речното корито, а ги сочинуваа претежно пластични шишиња, ќеси и друг отпад пластичен отпад. Сега овие депонии  надојдената вода ќе ги одведе во Треска, а Треска ќе ги наталожи на браната на езерото Козјак и така најчесто се случува, додава Тренески.

Останува единствено неодговорено прашањето, колкави се количествата на пластика  што ќе влезат во Поречкото езеро, бидејќи Треска е главниот колектор на сите водотеци од кичевско-бродски регион. за/ки/

Остани поврзан