Додик во Белград и покрај потерницата, ќе учествува на митинг за поддршка на Вучиќ
- Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, повторно без пречки ја напушти територијата на Босна и Херцеговина и се наоѓа во Белград, иако против него е распишана централна потерница

Белград, 12 април 2025 (МИА) – Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, повторно без пречки ја напушти територијата на Босна и Херцеговина и се наоѓа во Белград, иако против него е распишана централна потерница, објави Анадолија.
Додик се појави во живо на белградската телевизија Информер ТВ, заедно со потпретседателот на Владата на Србија, Александар Вулин. Причината за неговиот престој во Белград е учеството на вечерашниот митинг „Не ја даваме Србија“, организиран како поддршка за српскиот претседател Александар Вучиќ.
Централната потерница за Додик беше распишана од Судот на Босна и Херцеговина на 17 март, откако тој, заедно со премиерот Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, не се одазвале на повикот на Обвинителството на БиХ, каде биле повикани како осомничени за загрозување на уставниот поредок. ссм/
фото: архива