• среда, 13 ноември 2024

Доделување Орден за заслуги и Повелба на Република Северна Македонија

Доделување Орден за заслуги и Повелба на Република Северна Македонија

Скопје, 25 март 2022 (МИА)Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија во Филхармонија ќе ги одликува Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска со Орден за заслуги за Република Северна Македонија и ќе го додели признанието Повелба на Република Северна Македонија на Факултетот за Драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Националната установа Турски театар.

Милица Стојанова се одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзиниот фундаментален придонес во основачките процеси на македонскиот театар, како и за воспоставување иновативни методи, високи критериуми и за нивен развој во современото актерско мајсторство и за афирмација на македонскиот театар и на македонскиот филм на национално и на меѓународно ниво. Милка Ефтимова се одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзиниот исклучителен и траен придонес во развојот на оперското пеење, со што придонесе за афирмација на македонската оперска уметност на национално и на меѓународно ниво, како и за посветената и значајна педагошка активност. Стојна Вангеловска се одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзините постигнати највисоки резултати во кошарката на домашен и на меѓународен план како играч и како тренер, како исклучителен придонес во македонската кошарка и на македонскиот спорт, воопшто. НаФакултетот за Драмски уметности се доделува признанието Повелба на Република Северна Македонија по повод 50-годишното постоење и за суштински и траен придонес во развојот на театарската и на филмската уметност, како и на драмското творештво преку педагошка дејност и преку автономна и автохтона театарска и филмска едукација. На Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ се доделува признанието Повелба на Република Северна Македонија по повод 40-годишното постоење и за значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и за нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент — кинематографијата. На Националната установа Турски театар се доделува признанието Повелба на Република Северна Македонија по повод 70-годишното постоење и за особени постигнувања на полето на театарската уметност и за нејзина афирмација и популаризација, како во земјата така и во странство. дма/са/

Остани поврзан