• среда, 25 декември 2024

Доделување на ЕУ награда за истражувачко новинарство 2024

Доделување на ЕУ награда за истражувачко новинарство 2024

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Во Europe House во Скопје денеска ќе се одржи церемонија за доделување на наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2024 година за најдобра истражувачка сторија во Северна Македонија, во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Томсон медија и Делегацијата на Европската Унија во Скопје. 

Како што најавија организаторите, официјално обраќање на церемонијата ќе има амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас и претседателот на жири-комисијата за ЕУ наградата за истражувачко новинарство, Валентин Нешовски.

ЕУ наградата за истражувачко новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција е основана од Европската Унија во 2015 година со цел да ги промовира извонредните постигнувања во истражувачкото новинарство, како и да ја зголеми видливоста на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција.

На конкурсот можеа да се пријават истражувачки стории објавени од медиуми во Северна Македонија во периодот од 1 јануари до 31 декември 2023 година, а кои се обработуваат теми од слобода на изразување, владеење на право, транспарентност, злоупотреба на моќ и фундаментални права, корупција и организиран криминал.

Наградниот фонд во секоја од седумте земји за 2024 (за истражувачки стории објавени во 2023 година) изнесува 10.000 евра. Првата награда изнесува 5.000 евра, втората 3.000 евра и третата 2.000 евра.

ЕУ наградата за истражувачко новинарство е координирана од Томсон медија, а во Северна Македонија имплементирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како дел од проектот „Зајакнување на квалитетот на вестите и независното новинарство на Западен Балкан и во Турција 2“. Проектот е финансиран од Европската Унија, а спроведуван од конзорциумот составен од Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) – Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) – Турција, Томсон Медија (ТМ) – Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од Северна Македонија, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) – Црна Гора и од Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово). цр/вг/

Фото:  Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници

Остани поврзан