• четврток, 19 декември 2024

Доделени хигиенски пакети за семејства од Пехчевско по повод Неделата на имунизација

Доделени хигиенски пакети за семејства од Пехчевско по повод Неделата на имунизација

Делчево, 4 мај 2023 (МИА) - Општина Пехчево во соработка со Невладината организација „КХАМ" денеска реализираа активности како дел од одбележувањето на Европската недела на имунизација. Во рамки на акцијата, како што информираше Зоран Биковски од НВО ,,КХАМ", посетени биле 13 семејства со новороденчиња од селата Умлена, Робово, Чифлик, Мачево, Црник и градот Пехчево кои добиле хигиенски пакети.

- Можеме да кажеме дека степенот на вакцинација е одличен во горенаведените места. На родилките со новороденчиња им беше укажана важноста од навременото вакницирање, им беа поделени совети да одат редовно на гинеколог, да посетуваат ортопед на два месеци. Од нив добивме информации дека сите редовно посетуваат педијатар, а најмалку еднаш до двапати тие се посетени од патронажни служби, информира Биковски.

Пропуштените вакцини, како што додаде градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, кој учествуваше во поделбата на хигиенските пакети, може да ги вратат смртоносните болести, заради што целта за да се зголеми опфатот со вакцинација е повеќе од оправдана.

- Секако за тоа треба подигање на свеста за важноста на имунизацијата меѓу родителите и старателите, здравствените работници, носителите на политики и одлуки и медиумите, рече Китански.

Европската недела на имунизација 2023 година, беше подвлечено во рамки на денешната активност, е посветена на потребата да се надополнат пропуштените дози на вакцини поради пандемијата на коронавирус и да се зголеми заштитата од болестите, кои може да се спречат со вакцинација. вс/цр


Фото: МИА

 

 

Остани поврзан