• среда, 13 ноември 2024

Доделени првите договори за мерките 1 и 7 од ИПАРД 3, Северна Македонија лидер во регионот

Доделени првите договори за мерките 1 и 7 од ИПАРД 3, Северна Македонија лидер во регионот

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски денеска доделија 33 договори, први за мерките 1 и 7 од новата ИПАРД 3 програма.  

На првиот јавен повик од ИПАРД 3, кој беше објавен од 1 септември до 30 октомври 2023 година со буџет од 30 милиони евра, пристигнале над 1.160 апликации со финансиски побарувања три пати поголеми од објавениот буџет, односно над 90 милиони евра.

- Радува фактот што добивме апликации во вредност од неколку пати поголем износ од расположливиот буџет, што говори за интересот и подготвеноста и на земјоделците и на сите корисници на мерките од ИПАРД 3 програмата. Нас тоа особено ни значи и е потврда на успехот, кој е резултат на многу енергија, труд, работа и посветеност на платежната агенција, на телото за управување со ИПАРД и сите вклучени во процесот, рече Николовски.

Северна Македонија, нагласи, е прва земја пред Турција, Србија, Црна Гора, Албанија и пред сите земји кориснички на ИПАРД, која склучува договори за ИПАРД 3 програмата.

- Токму заради таа успешност во претходниот период Европската комисија за 62 проценти го зголеми буџетот за ИПАРД 3 програмата за Севрна Македонија и на располагање ни дава ококу 97 милиони евра. Но, ако на овие средства се додаде и националното кофинансирање и она што корисниците со потпишувањето и реализирањето на договорите го реалиизраат ќе дојдеме повторно до износ од над 200 милиони евра, кои ќе бидат инвестирани во македонското земјоделство следните неколку години, истакна Николовски.

Тоа, забележа, е резултат на макотрпната работа и присуство на сите структури на терен, организиран информативни денови и приближување на ИПАРД 3 програмата и мерките до корисниците, како и градење доверба меѓу институциите надлежни за ова и корисниците. 

- Она што сме лидери и најподготвени во делот на искористеност на ИПАРД 3 програмата ќе биде јасен сигнал и порака до Брисел, дека нас ни требаат многу повеќе средства заради тоа што сме единствената земја која покажа и докажа дека може во секторот земјоделство максимално да ги искористи овие средства, подвлече ресорниот министер. 

Директорот на АФПЗРР, Бачовски информира дека Агенцијата изготвила 44 договори чии прифатливи инвестиции се во вредност од шест милиони евра. Тие проекти по нивната реализација ќе бидат ко-финансирани од ИПАРД фондот со 3,7 милиони евра или 60 отсто од вкупната инвестиција. 

- Во периодот што следи продолжуваме со подготовка на останатите договори. Очекуваме дека околу 400 физички и правни лица ќе бидат поддржани во нивните инвестиции од страна на ИПАРД за што се определени 30 милиони евра како буџет обезбеден од Европската унија со учество од 75 отсто и 25 проценти поддршка од македонскиот буџет, појасни Бачовски.

Според него, ИПАРД е веќе широко препознаена програма, кај земјоделците, агро секторот и сите бизниси кои оперираат во руралните средини, која значително може да им помогне во делот на модернизација на земјоделската механизација, подигање на нови насади и модерни системи за наводнување, изградба на винарии, преработувачки капацитети, поддршка на бизнисте во руралните средини, рурален туризам, алтернативно земјоделство.... 

Проектите за кои се изготвени договори за мерките 1 и 7 од ИПАРД 3 програмата опфаќаат инвестиции во трактори, земјоделска механизација, изградба на центри за производство на посадочен материјал, објекти за производство на ПВЦ и алуминиум, домови за стари лица, ресторани и хотели во рурални средини. сс/аа/

Фото МИА

Остани поврзан