Доделени наградите од конкурсот за креација на постер „Данте 700“
- Евгенија Иваноска од Американски универзитет за Европа - ФОН, Јована Ристовска од Универзитет Американ Колеџ Скопје - УАКС и Иван Коминовски од Факултетот за ликовни уметности се трите побед
Скопје, 21 октомври 2021 (МИА) - Евгенија Иваноска од Американски универзитет за Европа - ФОН, Јована Ристовска од Универзитет Американ Колеџ Скопје - УАКС и Иван Коминовски од Факултетот за ликовни уметности се трите победници на наградата од конкурсот за изработка на постер посветен на италијанскиот пеот Данте Алигиери, по повод 700 -годишнина од неговата смрт која се одбележува оваа година.
Конкурсот „Данте 700“ беше спроведен од страна на Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје, во соработка со Амбасадата на Италија, а беше отворен за студенти на факултетите и академиите за визуелни и ликовни уметности, државни и приватни, и за учениците од средните училишта во државата, при што 170 учесници пратија вкупно 281 постери.
Од овие, 268 беа изработени од 157 студенти на универзитетите и 13 од страна на учениците од Уметничкото училиште и други средни училишта.
По прелиминарната евалуација, постерите беа доставени до жирито составено од четворица еминентни дизајнери Небојша Гелевски и Нгадњим Мехмети од нашата држава и Серџо Оливиоти и Марко Натоли од Италија, кои избраа 70 постери за потесниот избор.
Истата Комисија потоа одбра листа од 15 автори финалисти која беше оценета заедно со Амбасадата на Италија во Скопје, одредувајќи ги првите три победници: Прво место - Евангелија Иваноска, второ место: Јована Ристовска - Данте 700; трето место: Иван Коминовски - Смртта е само почеток.
Прворангираниот постер беше искористен како официјален постер за 21. недела на италијанскиот јазик во светот, додека останатите постери финалисти можат да се погледнат на Фејсбук страницата на Амбасадата на Италија.
При доделувањето награди на првите три и на останатите 15 финалисти, амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри го истакна големиот успех на иницијативата, што ја покажува популарноста на Данте во нашата држава.
-Големиот поет, основоположник на италијанскиот јазик, се потврдува како човек со универзална порака, способен да ја поттикне уметничката чувствителност на младите Македонци, заклучи амбасадорот.бт/са/