• петок, 27 декември 2024

Доделени изводи на неевидентирани лица во матичната книга на родените (ДПЛ)

Доделени изводи на неевидентирани лица во матичната книга на родените (ДПЛ)

Скопје, 19 декември 2023 (МИА)Зулфија Амза, Фердикан Селмани и Леонардо Мемеди се дел граѓаните на кои денеска првпат им беа доделени изводи од матичната книга на родените. Тие беа дел од 526 предмети кои ги водеше Управата за водење на матични книги во врска со неевидентираните лица кои водеа децениски битки да бидат впишани во матичната книга на родените. Досега, од 526-те предмети се решени 409, а се очекува останатите 117 граѓани својот извод да го добијат до крајот на оваа година.

На денешниот настан по повод доделување изводи на лица кои не биле досега евидентирани во матичната книга на родените, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека овие проблеми се веќе минато. 

- Денеска, ставивме крај на еден горлив три децениски проблем што го имаа стотици граѓани кои се родиле на територија на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени. Овие наши граѓани немаа документи за идентификација, не можеа да се лекуваат, ниту да се вработат, не може да склучат брак, ниту пак да го регулираат стаусот на нивните деца, едноставно ги немаше во системот на државата, рече премиерот.

Тој се заблагодари на заложбата на Министерството за правда и Управата за водење матични книги и посебно да ја истакна улогата на пратеничките Соња Мираковска, Љатифа Шиковска и Снежана Калеска - Ванчева, кои подготвија амандмани во Законот за матична евиденција со кој системски продолжи да се решава проблемот со лицата неевидентирани во матичната книга на родени.

- Досега овие луѓе беа надвор од пазарот на трудот, сега им овозможуваме да се вработат, да отвораат и регистрираат свој сопствени фирми. Со нивното евидентирање во матичните книги им отворивме можност да ги користат сите бенефиции кој им ги нуди Уставот и Законите на Република Северна Македонија. Тие сега можат легално да стапат во брак, а нивните потомци без никаков проблем да бидат заведени во матичната книга на родените, истакна премиерот.

Министерот за правда, Кренар Лога, нагласи дека овие лица повеќе нема да бидат маргинализирани.

- Нула неевидентирани лица. Прво место во Европа, и второ во светот кои го решаваат проблемот со неевидентираните. Овие лица нема повеќе да бидат маргинализирани, дискриминирани. Овозможен им е пристапот до здравствена и социјална заштита, образование и пристап до правдата, рече министерот.

Пратеничката Соња Мираковска посочи дека рефлексиите во оваа област се несомнено значајни за квалитетот на животот на овие луѓе кои за прв пат добија документ со кој можат да кажат „јас припаѓам“, што, како што информираше, е мото на глобалниот акциски план 2014-2024 година на Обединетите Нации за ставање крај на бездржавјанството.

- Носењето на Законот за матична евиденција, повлече дополнување и измени на Законот за живеалишта и претстојувалишта со кој овозможивме повеќе начини луѓето да добијат право да имаат своја лична карта, да можат да регистрираат свое живеалиште или претстојувалиште. Исто така и Законот за лична карта. Тие два закони ги заокружија потребите за да биде успешен процесот за да може оваа група граѓани кои беа досега оставени на маргините на општеството и лишени од сопствените основни човекови права, да можат конечно да ги искористат бенефициите, рече Мираковска.

Дополни дека се работи на предлог на Закон на странци со кој ќе овозможи одредена група на граѓани побрзо да дојдат до државјанство.

Директорот на управата за водење на матични книги, Емир Сулејмани информираше дека Управата за водење на матични книги постапува по вкупно 526 предмети на цела територија на Република Северна Македонија, од кои 409 се позитивно решени и на истите им се издадени извод од матичната книга на родените. Како што дополни, по останатите 117 предмети се постапува и ќе бидат завршени до крајот на годината.

МИА претходно пишуваше за педесет и пет годишната Зулфија Амза, невработена жена која што никогаш нема посетено лекар, на која денеска ѝ се оствари сонот и доби извод од матичната книга на родените. ар/лв/
Фото:МИА

 

Остани поврзан