Доделени годишните награди на Македонска берза за 2024 година
- СООПШТЕНИЕ:
Скопје, 17 декември 2024
На 16.12.2024 година се одржа церемонија на доделување на Годишни награди на Македонска берза за 2024 година за котираните компании, членките на Берзата и други субјекти поврзани со македонскиот пазар на хартии од вредност.
Четврта година по ред, Македонска берза доделува годишни награди во повеќе категории, при што дел од наградените добитници се одредуваат врз основа на квантитативни податоци, како што се берзанскиот промет, цените, истргуваната количина на хв и бројот на трансакции. За овие награди пресекот согласно усвоената Методологија за доделување на наградите од страна на Одборот на директори на Берзата се прави вториот петок во декември. За останатиот дел од наградите одлучуваа специјални комисии составени од пазарни учесници, експерти и претставници на медиумите, а за наградата „Акција на годината“ пошироката инвестициска јавност преку анкета на сајтот на Берзата и Интернет порталот Фактор. Оваа година остваривме нова соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија со која заедно доделивме неколку признанија за добри ESG практики.
Настанот со обраќање пред присутните го отвори Главниот извршен директор на Македонска берза, г-дин Иван Штериев.
Годинава на настанот беа доделени 12 награди во различни категории и 7 признанија.
Добитници на Годишните награди на Македонска берза за 2024 година се:
1. Категорија „Акција со најголем промет во 2024 година“
· Во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони евра пазарна капитализација добитник е Комерцијална банка АД Скопје, a во име на банката наградата ја прими Маја Стевкова Штериева, Главен Финансов директор.
· Во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони евра пазарна капитализација добитник е Стопанска банка АД Битола, а Александра Радевска, Претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола ја прими оваа награда.
2. Категорија „Акција со најголем пораст на цената во 2024 година“
· Во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони евра пазарна капитализација добитник е Комерцијална банка АД Скопје, а Маја Стевкова Штериева, Главен Финансов директор, во име на Комерцијална банка АД Скопје ја прими оваа награда.
· Во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони евра пазарна капитализација добитник е ТТК Банка АД Скопје, а во име на друштвото наградата ја прими Жарко Митревски, Директор на Дирекција за средства и ликвидност на ТТК Банка АД Скопје.
3. Категорија „Акција со најголем пораст на прометот во 2024 година“
· Во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони пазарна евра капитализација добитник е ОКТА АД Скопје, а Димитриос Пасхос, Главен извршен директор ја прими наградата во име на ОКТА.
· Во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони пазарна евра капитализација добитник е Стопанска банка АД Битола, а Александра Радевска, Претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола ја прими оваа награда.
4. Категоријата „Членка на годината за 2024 година“
· Членка на годината која има остварено најголем промет и трансакции од редовно тргување со акции – добитник е Еурохаус АД Скопје, а Стефан Степаноски, директор на членката ја прими наградата.
· Членка на годината која има остварено најголем промет и трансакции со обврзници – добитник е Комерцијална банка АД Скопје, а Михајло Брова Зиков, Директор на дирекција за тргување со хартии од вредност на членката ја прими наградата.
5. Категорија „Најтранспарентно котирано акцинерско друштво за 2024 година“ - по избор на пазарни учесници–добитник е Алкалоид АД Скопје.
Комисијата на пазарните учесници ја сочинуваа Лидија Трајковиќ и Филип Петрушевски, како претставници на членките на Берзата, Лазе Камчев и Сашо Дракуловски, како претставници на инвестициските фондови и Маријан Николовски, како претставник на пензиските фондови.
6. Категорија „Најтранспарентно котирано акцинерско друштво за 2024 година“ - по избор на медиуми–добитник е Алкалоид АД Скопје. Наградата во двете категории ја прими Живко Мукаетов, Генерален директор на Алкалоид АД Скопје.
Комисијата за избор составена од новинарите ја сочинуваа Петре Димитров, главен и одговорен уредник на порталот emagazin.mk, Весна Миќиќ Божиновска, новинар, Нина Нинеска Фиданоска, главен и одговорен уредник на порталот faktor.mk, Наташа Мерсовска, новинар во телевизијата Сител и Горан Теменугов, новинар.
7. Во категоријата „Акција на годината за 2024 година по избор на јавноста“ – добитник е Алкалоид АД Скопје. Наградата „Акцијата на годината по избор на јавноста“ се доделува на котирано акционерско друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се вршеше паралелно на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“.
8. Категорија „Годишна награда за придонес во областа на едукацијата и развојот на пазарот на хартии од вредност“ - добитник е Европската банка за обнова и развој. Имено, според мислење на Комисијата , ЕБРД веќе подолго време е најзначаен институционален поддржувач на Берзата (воспоставување на Тренинг Центарот на Берзата, поддршка на СЕЕ ЛИНК, новиот Кодекс за корпоративно управување, Водичот за ЕСГ известување итн.), а токму оваа година успешно се заврши проектот за изготвување на среднорочна развојна стратегија на Македонска берза АД Скопје и се отпочна со сличен проект во ЦДХВ АД Скопје, каде Берзата е најголем поединечен акционер. За доделување на оваа награда беше формирана Комисија во следниов состав: Тони Стојаноски, претставник од Одбор на директори на Македонска берза, Иван Штериев, претставник од стручната служба на Берзата, Ленче Тагасовска, претставник на регулаторните институции, Горан Марковски, претставник од пазарните учесници, Јелисавета Георгиева-Јовевска, претставник на корпоративниот сектор, Сашо Арсов, претставник од високообразовна институција и Драган Давитков, претставник од редот на експерти во областа на финансии.
9. Со цел истакнување на добри практики кај котираните друштва, Македонска берза доделува Признание на Реплек АД Скопје за реализиранo корпоративно дејство - поделба на акциите во 2024 година. Признанието во име на компанијата го прими Генералниот директор на Реплек, Душан Пецовски.
10. За прв пат годинава, Македонска берза во соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија додели Признанија за добри ESG практики. Селекцијата и изборот на компаниите беа извршени со вкрстување на направените анализи во текот на годината во овој домен и од двете институции, според различни критериуми. Признанијата се доделија на 2 котирани со доминантно домашен капитал, 2 котирани со доминантен странски капитал и 2 некотирани друштва. Признанија за добри ESG практики во 2024 година добија:
· Алкалоид АД Скопје
· Комерцијална Банка АД Скопје
· Либерти АД Скопје
· НЛБ Банка АД Скопје
· Гентерм Северна Македонија
· ПроКредит Банка АД Скопје
Годишните награди на Берзата ги доделија Тони Стојановски, Претседател на Одборот на директори на Берзата, Горан Анастасовски, член на Одбор на директори на Македонска берза, Славчо Филипчев, член на Одбор на директори на Македонска берза, Лазе Камчев, Главен извршен директор на НЛБ Фондови (претставник на Комисијата на пазарни учесници), Весна Миќиќ Божиновска, новинар (претставник на Комисијата на медиуми), Нина Нинеска Фиданоска, главен и одговорен уредник на порталот faktor.mk, Драган Давитков, Директор, PwC Северна Македонија, Јелена Арсовска, Извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија, Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза и Каролина Каровска Божиноска, Директор на Сектор за развој, промоција и односи со јавност во Берзата.
Честитки до сите добитници на годишните награди и доделените признанија. Се надеваме дека наградите ќе послужат како мотив не само за наградените туку и за сите други во новата берзанска 2025 година да бидат уште подобри и поуспешни.
Македонска берза
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
фото: Принтскрин