• четврток, 26 декември 2024

Доделени благодарници на традиционалната крводарителска акција во Карпош

Доделени благодарници на традиционалната крводарителска акција во Карпош

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) - Во рамки на Денови на Општина Карпош, денеска традиционално се одржува крводарителска акција, со цел да се соберат што повеќе крвни единици и да се помогне онаму каде што е најпотребно, соопштија од Општина Карпош.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој присуствуваше на овој настан, даде поддршка кон дарителите, како долгогодишен дарувач на крв.

-Општина Карпош е рекордер со 638 собрани шишиња крв, а овој рекорд датира од 2012 година, како најмасовна крводарителска акција. Досега сеуште никој го нема соборено рекордот од нашата држава. Би сакал да упатам благодарност на нашите карпошани, бидејќи една капка крв живот значи, и би сакале тоа да се пренесе и кај младите. – рече градоначалникот Јакимовски

По повод роденденот на Општина Карпош, и во рамки на крводарителската акција, градоначалникот Јакимовски се сретна со  граѓани на Карпош кои дарувале крв изминатите години и токму поради тоа, им беа доделени благодарници за нивната солидарност и упорност, како и финансиска поддршка.

-Во оваа прилика би сакал да поделам благодарници за луѓето кои традиционално се крводарители на секоја наша акција. Овде со нас се 11 сограѓани кои дарувале над 50 пати и навистина сме им благодарни што спасиле нечиј живот. На овој начин би сакале да ги стимулираме и помладите граѓани да бидат даватели на крв, бидејќи за некој тоа значи многу,  истакна градоначалникот.

На средбата се разговараше на многу теми, од каде се извлече апел за недозволиви одлуки од одредени институции.

-За жал, на оваа средба дознав дека на овие лица, кои се даватели на крв, со над 50 пати, им е укинат бесплатниот лабораториски преглед во сите здравствени установи, како приватни така и државни. Ова е навистина срамно и недозволиво. Исто така, Согласно законот за работни односи на овие луѓе им следуваат два слободни денови, а како приватни фирми уште посериозен проблем имаме кај институции кои се на државно ниво, да им се укинат и да не им се дозволени. Апелирам до сите јавни и државни институции и установи, како и приватниот сектор, да не им се поништуваат овие денови кои со Закон се донесени, и да се врати бесплатниот лабораториски преглед за граѓаните кои се спасувачи на многу животи, бидејќи без нив работата на докторите би била уште потешка, посочи  Јакимовски. љм/са/

Фото: Општина Карпош

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан