• четврток, 26 декември 2024

Доградбата на ООУ „Блаже Конески“ чини 200 милиони евра, ќе има нови десет училници и осум кабинети

Доградбата на ООУ „Блаже Конески“ чини 200 милиони евра, ќе има нови десет училници и осум кабинети

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Почна доградбата на Општинското основно училиште „Блаже Конески“ во Мичурин во општина Аеродром. Станува збор за проект вреден 200 милиони евра финансиран од Општината и поддржан од Владата. Доградбата ќе се спроведува во две фази, а во првата фаза во наредните 18 месеци училиштето ќе добие дополнителни десет училници и осум кабинети по предметна настава. 

Проектот предвидува и голем хол со бина, главни скали и лифт, кујна со трпезарија, нови тоалети и тоалет за лица со посебни потреби, како и други сервисни простории.

В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој денеска присуствуваше на почетокот на доградбата, изјави дека ова е едно од најстарите училишта во Аеродром, изградено уште во 1954 година.

- Основното училиште постои 70 години, истото е официјално пуштено во 1954 година. На барање на граѓаните создаваме подобри услови за учениците и со ова докажуваме дека ги исполнуваме нашите предизборни ветувања, рече Митески.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така беше во посета на училиштето, рече дека 200 милиони денари е огромна капитална инвестиција што ќе овозможи децата да се образуваат и да го стекнат своето знаење.

- Двесте милиони денари е навистина огромна капитална инвестиција со којашто ќе им се овозможи на децата да се образуваат и да го стекнуваат своето знаење во услови што ќе бидат современи. Како Влада ќе продолжиме и во иднина да ги продолжуваме ваквите иницијативи, рече Мицкоски.

Посочи дека е завршен јавниот повик што го објави Министерството за локална самоуправа во којшто беа повикани општините да поднесат предлог проекти. Рече дека повеќе од 21 милијарда денари ќе бидат реалоцирани од централниот буџет кон општините за капитални инвестиции.

- Можам да кажам дека повеќе од 21 милијарда денари ќе бидат реалоцирани од централниот буџет кон општините за капитални инвестиции, за нови булевари, улици, водоводи, канализации, училишта, градинки. Целта на оваа Влада е да поддржува капитални инвестиции, да поддржува проекти коишто ќе значат додадена вредност во квалитетот на живот на македонските граѓани, рече Мицкоски. бт/бак/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан