• сабота, 23 ноември 2024

Договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“ за субвенционирани летови до Франкфурт, Луксембург, Штутгарт, Салцбург и Љубљана (ДПЛ)

Договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“ за субвенционирани летови до Франкфурт, Луксембург, Штутгарт, Салцбург и Љубљана (ДПЛ)

Скопје, 13 април 2023 (МИА) - Со субвенции од Владата, германската авиокомпанија „Луфтханза“ ќе воведе една нова авиолинија - од Скопје до Франкфурт, а унгарски „Виз Ер“ четири - од Скопје до Луксембург, Штутграт, Салцубург и до Љубљана. 

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски на прес-конференција објавија дека е успешен повикот за субвенции за нови авиолинии, што заврши на 31 март и оти е склучен договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“. 

„Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април, десет пати неделно, а „Виз Ер“ ќе ги опслужува  четирите нови дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава.

Финансиската поддршка ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

- Авиопревозниците „Луфтханза“ и „Визер“ ќе летаат и по неколку пати дневно од нашите аеродроми. Со авиопревозникот „Луфтхаза“ преку Франкфурт, нашите граѓани ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе земји во Европа и светот со оглед на тоа дека аеродромот во Франкфурт е еден од неколкуте најголеми аеродроми во светот. Јас сум сигурен дека преку субвенционирање на авиолинии овозможуваме раст на економијата и на воздушниот сообраќај, рече премиерот Ковачевски на прес-конференција во Владата. 

Наша стратешка цел, потенцираше тој, е да ги искористиме сите капацитети што ги нудат Меѓународниот аеродром „Скопје“ и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.

- Заложбата на Владата е да овозможиме квалитетни услуги со поширок спектар на дестинации за граѓаните. Податоците покажуваат дека во 2022 година имаме превезено над 2,3 милиони патници преку нашите два меѓународни аеродроми. Тоа за Северна Македонија значи зајакнување на економските врски со европски и светски дестинации, носење на нови инвеститори, но и можност за брзо и непречено движење на нашите граѓани кои сакаат да патуваат во странство или странски граѓани кои доаѓаат во нашата држава или за работа или со туристички цели. Исто така, тоа значи и привлекување на што поголем број странски државјани кои сакаат да ја посетат нашата земја, рече  Ковачевски. 

Според Бочварски, воведени се нови дестинации за кои имало голем интерес од граѓаните. Има, како што рече тој, дополнителни средства да се објави нов повик кон крајот на годината со цел да се привлечат нови дестинации.

- Одговорено е позитивно на барањата за новите пет дестинации од овие две авиокомпании, а секоја друга компанија што ќе сака да оперира од нашите аеродроми кон која било европска дестинација тоа може да го направи и без субвенции. Но, останува правото на Министерството за транспорт и врски, доколку сметаме дека е потребно, а јас сметам дека е потребно и имаме дополнителни средства да објавиме и нов повик кон крајот на оваа година со цел да привлечеме можеби дополнителни авиокомпании но и дополнителни дестинации за нашите граѓани, рече Бочварски. 

„Луфтханза“ и „Виз Ер“ за дестинацијата за која ќе добиваат финансиска поддршка ќе имаат обврска и по завршувањето на субвенциите да продолжат да ја оперираат линијата за период за кој добивале субвенциите. Во спротивно, ќе бидат должни да го вратат целиот износ на средства што ги добиле како финансиска поддршка. Ако компанијата добивала субвенции во рок од три години, ќе мора и по истекот на тие три години да ја оперира таа линија без државата да и плаќа на компанијата.

- Нашите политики се во насока да го развиеме воздушниот сообраќај во земјата, да обезбедиме квалитетен развој на цивилното воздухопловство, како и да формираме конкурентни цени и нови дестинации за нашите граѓани, како и за привлекување туристи од цела Европа и пошироко, рече министерот Бочварски. 

Министерството за транспорт и врски во својот буџет годинава има предвидено 1,1 милион евра за оваа намена, а вкупно пет милиони евра за тригодишната програма. 

Повикот со кој се склучени договори со „Луфтханза и „Виз Ер“ е втор годинава, а првиот беше поништен откако Комисијата за евалуација на понудите што ги доставија авиокомпаниите „Виз ер“, „Луфтханза“ и „Ејџиан Ерлајнс“ констатираше дека не ја доставиле пропишаната комплетна документација.

Државава ќе доделува финансиска поддршка за нови летови по пауза од една година. Заклучно со 1 март лани, субвенции по овој основ добиваше „Виз Ер“ преку три последователни договори. лв/свс/

 

 

Остани поврзан