• четврток, 26 декември 2024

Доброволна работна акција во манастирот „Свети Ѓорѓија“ село Кнежино

Доброволна работна акција во манастирот „Свети Ѓорѓија“ село Кнежино
Кичево, 9 ноември 2021 (МИА) - Во манастирот „Свети Ѓорѓија“ познат како Кнежински манастир, организирана е втора доброволна работна акција есенва, што ја спроведуваат верници од Кичево и околните села. Во оваа работна акција секојдневно учествуваат од 20 до 30 доброволци, кои со својот ангажман придонесуваат за поубав изглед на дворот на манастирот стар повеќе од седум векови. Покрај доброволците од градот и околината, во оваа работна акција се придружија и неколкумина вработени од РЕК „Осломеј“, кои од вчера се вклучени во оваа акција. - Во полн ек е доброволна работна акција што традиционално  ја спроведуваме во Кнежински манастир. Во акцијата се вклучени од 20 до 30 доброволци, претежно млади од градот, а веќе втор ден во акцијата се придружија и вработени во РЕК „Осломеј“, истакна Христијан Донески, редовен учесник на овие акции. Тој се осврна на сето она што е веќе сработено, но говореше и за тоа што ќе се работи во оваа повеќедневна работна акција. - Во оваа акција изградивме неколку Алпинетуми (каменести градини со цветен колорит), а во тек е санација на потпорен ѕид во близина на чешмата „Света Петка“ лоцирана пред старите конаци. Должината на ѕидот што треба да се изгради е околу 50 метри, а во овие неколку дена веќе се соѕидани десетина метри. Работите течат нешто поспоро поради недостаток на градежен материјал, камен. Ќе бидат засадени и триесетина млади стебла, рече Донески. Појасни дека со оваа акција ќе биде темелно исчистен и манастирскиот двор, а ќе се погрижат потпорниот ѕид по целата негова должина да биде завршен, за што ќе се обезбедат дополнителни количества камен. за/цр

Остани поврзан