• среда, 13 ноември 2024

Добороволци спасувачи на вода на Дебарско Езеро

Добороволци спасувачи на вода на Дебарско Езеро

Дебар, 13 јули 2023 (МИА) - На градската плажа на брегот на Дебарско Езеро за безбедноста на капачите се грижат двајца спасувачи на вода, кои истото го прават на доброволна основа.

Според секретарот на Општинската организација на Црвен крст, Исни Телќиу, станува збор за двајцата млади Јон Батку и Валдет Челику, кои изразиле подготвеност без никаков надоместот да бидат ангажирани.

-На градската плажа, каде концентрацијата на капачи е најголема во изминатите пет години имавме повеќе спасувачи на вода. Првите четири години трошоците ги намируваше татковинското друштво „Дибра“ на нашинците во САД, додека минатата година тоа го направи локалната власт. Бидејќи до сега не го обезбедивме тоа, Јон и Валдет изразија желба и подготвеност тоа да го прават на доброволна основа, рече за МИА, Телќиу.

Двајцата спасувачи на вода велат дека се обучени за оваа цел и одлучиле ова лето на доброволна основа да бидат во служба на своите сограѓани.

-За нас не е битно дали ќе добиеме пари за нашата ангажираност, ова го правиме со душа и срце за нашите сограѓани. Спасувањето живот е на прв план. Се надеваме дека нема да има потреба од тоа, но искрени да бидеме нашето присуство им влева поголема сигурност. Тука ќе бидеме до крајот на август, велат тие.

Моментно, поради високото ниво на водата на езерото мал е бројот на капачите, но периодот кој следува, кога се очекува во општината да допатуваат печалбарите и нивните семејства, како и поранешни и сегашни жители во селските населени места, како и изминатите години, нивниот број ќе биде многу поголем.

Во летниот период, на брегот на езерото, главно на градската плажа, дневно се разладуваат стотици капачи а за време на викендите многу повеќе. вт/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан