• петок, 27 декември 2024

Дневно дружење на платото пред МКЦ по повод „Ден на независните музички продавници“

Дневно дружење на платото пред МКЦ по повод „Ден на независните музички продавници“
Скопје, 12 јуни 2021 (МИА) - По повод „Ден на независните музички продавници“ денеска, „АП(о)ТЕКА МКЦ“ и „Corpus Delicti“ во периодот од 12 до 17 часот, ќе организираат дневно дружење на платото пред Младинскиот културен центар, информираат од МКЦ. „Ден на независните музички продавници“ во светски рамки се одржува од 2007 година, додека, во Македонија оваа година се организира по четврти пат. Од МКЦ информираат дека, следејќи го генералниот концепт на прославата и Македонија има свој „Амбасадор“ промотер на овој настан. Како што велат оттаму, оваа чест е секогаш наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и несебично го поддржувале опстојувањето на малите музички продавници. - Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски Record Store Day, му ја доделуваме на Александар Петрушевски (Пепе, Alex Dust). Неговото име, во изминативе 6 години, се појавува испишано на 18 винилни изданија (и реобјави) издадени во Европа и Австралија. Тоа го прави еден од ретките македонски музичари, кои со своето творештво имаат оставено печат на повеќе од 10 музички изданија, објавени на винил (албуми или синглови). Уште поинтересно е што овие објави се во најголем дел со само еден бенд, Disease, и со по едно од Defekt и Angza, стои во соопштението од МКЦ. Во 2017 година оваа почест му беше укажана на Васко Атанасоски, во 2018 на Влатко Стефановски а во 2019 на Стојче Цветановски. Во 2020, породи Корона-кризата, настанот не се организираше. Од МКЦ дополнуваат дека годинава, по четврти пат, на интернационално ниво се промовира уште една почест, “Worldwide Record Store Legend”, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници. - Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во нова македонска “Worldwide Record Store Legend”, треба да му припадне на професорот на правниот факултет во Скопје – Гордан Калајџиев, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија (со особена страст кон винилите) и редовен посетител на европските, но и на ретките македонски независни музички продавници, соопштуваат од МКЦ. Во изминативе три години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018) и Бранислав Димитров-Бране (2019). Покрај укажувањето почит кон споменатите личности, како што велат од МКЦ, овој ден ќе биде одбележан и со промоција на винил. Се работи за една песна во 9 различни изведби од македонски артисти, односно, компилацискиот албум „Ние сме од Скопје“, во издание на „PMG Recordings“. Настанот ќе биде поддржан со DJ сетови на Теа Шалдева и Тome Rootboy, како и концертни настапи на „DISEASE“ и „КАНТОН 6“. ар/сп/

Остани поврзан