• сабота, 28 декември 2024

Дневниот ред на 28-та собраниска седница дополнет со предлог-закони за усогласување со Законот за органите на државната управа

Дневниот ред на 28-та собраниска седница дополнет со предлог-закони за усогласување со Законот за органите на државната управа

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Собранието на Северна Македонија ја почна 28. седница со утврдување на дневниот ред кој беше дополнет со уште неколку предлози од Владата и од пратеници на владејачкото мнозинство, по скратена постапка.  Во најголемиот дел се работи за предлог-закони за усогласување со Законот за органите на државната управа. 

На тоа со процедурална забелешка реагираше пратеникот Оливер Спасовски, координатор на Пратеничката група на СДСМ, според кого „се урива парламентарната демократија“ и е спротивно на собранискиот Деловник пратениците „во моментот“ да добиваат точки на дневен ред.

- Нѐ известуваат од собраниските служби и во ист момент се ставаат на дневен ред. Нема ниту едно слово во Деловникот што може да ги оправда ваквите постапки, реагираше Спасовски, додавајќи дека од причини што за него се неприфатливи „целосно се суспендира дебатата во Парламентот“. 

Не ми е јасно, рече, „како може министрите и нивните заменици да не знаат дека усогласувањето треба да го направат до 31 декември“.

- И денеска закони по итна постапка, во скратена постапка, денеска гори и ќе мора да ги донесеме. Зошто? Па ќе немале луѓето плата од 1 јануари. Но, тоа не е проблем на Парламентот.... Со ова однесување нѐ ставаат во позиција во која целосно го рушиме нашиот систем на парламентарна демократија. Ако сметате дека не треба да имаме дебати и Парламент, тогаш да не трошиме пари, време и ресурси. Измислете друг начин со кој ќе ги носите законите, повикувајќи се на тоа дека има парламентарно мнозинство и дека тоа треба да се прави, рече Спасовски. 

Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски му одговори дека потребно е усогласување со Законот за органите на државната управа затоа што „одредени правни субјекти го губат статусот на правно лице од прв степен и одат во состав на други установи“. 

- Мислам дека е коректно и од страна на Собранието навреме и во итна постапка да ги заврши овие измени за да можат и тие вработени да ги остварат месечните приходи, а суштински нема измени во текстот и содржината или начинот на организација, рече Милошоски, кој по утврдување на дневниот ред на 28-та седница даде пауза до 13:30 часот. хс/бак/ 

Фото: принтскрин

 

 

 

 

 

Остани поврзан